Масовни руски напади со дронови врз Украина

Русија изврши масовен воздушен напад врз енергетската инфраструктура во централните и северните делови на Украина, користејќи дронови и ракети. Целите биле градот Кременчук, како и Чернихивската и Киевската област. Според првичните информации, загинал најмалку еден цивил, а повеќе лица се повредени, јавува The Kyiv Independent.
Во Кременчук, Полтавска област, експлозии одекнале околу 1:30 часот по полноќ, откако украинските воздухопловни сили предупредија на лансирани ракети тип „Кинжал“ и десетици дронови. Градоначалникот Виталиј Малецки информираше дека делови од градот останале без електрична енергија, вода и греење, додека екипите работат на санација на штетите.

Гувернерот Володимир Кохут соопшти дека неколку енергетски постројки во регионот претрпеле директни погодоци. Ударите и паднатите остатоци предизвикале пожари и оштетување на техничка опрема, но во овој дел од нападите не се пријавени жртви.
Руски дронови нападнале критична инфраструктура и енергетски објекти и во Чернихивската област. Во местото Новгород-Сиверски, дрон „Геран“ усмртил 50-годишен маж во неговиот дом, а повреден бил и полициски службеник. Оштетени се полициска станица, медицинско училиште и неколку куќи.

Во градот Чернихив мета на нападот била термоелектраната. Остатоци од соборени дронови биле пронајдени на повеќе локации во градот, информираше Дмитро Брижински од регионалната воена управа. Неколку населени места останале без електрична енергија, но снабдувањето било воспоставено до утринските часови.
Експлозии биле забележани и во градот Фастив, во близина на Киев, но засега нема информации за евентуална штета. Фастив претходно беше цел на руски напад на 5 декември, како дел од широкиот удар врз украинската енергетска мрежа. Тогаш беше погодена и главната железничка станица, што претседателот Володимир Зеленски го нарече „воено бесмислен напад“.

Русија во последните месеци често изведува напади врз украинските градови, во период кога САД се обидуваат преку дипломатски канали да поттикнат процес за прекин на војната.

Зачлени се на нашиот е-билтен