Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Масовно паѓање во бесвест во мексиканските училишта: Опасноста започнала од Ватсап

На 23 септември 2022 година, 12-годишната Есмералда се онесвестила додека излегувала од тоалетот во средно училиште во Тапачула, Мексико. По неа излегла нејзината најдобра пријателка Диала која исто така паднала на подот. Во текот на следниот час се онесвестиле уште девет девојчиња и едно момче од училиштето Федерал 1. Паднале во бесвест во училниците, тоалетите или во училишниот двор. Други 22 ученици пријавиле други невообичаени симптоми, како што се повраќање и главоболки, пишува Бизнис инсајдер.

Мајката на Есмералда, Гледис, добила СМС-порака од нејзината внука која и рекла веднаш да дојде во училиштето. Ја пронашла Есмералда како лежи во училишниот двор, неспособна да зборува или да стои. Диала паднала покрај неа. На подот лежеле и група други болни деца.

Неколку ученици пријавиле дека почувствувале мирис на нешто зачадено. Есмералда истакнала дека миризбата ја потсетувала на запалени лисја, поради што властите се сомневаат дека марихуаната е вмешана во инцидентот. Но, сите тестови за дрога беа негативни. Лекарите заклучиле дека Есмералда и другите студенти имале напади на паника. До следното утро, сите деца целосно се опоравиле.

Две недели подоцна, на 7 октомври, во средно училиште во Бочило, во мексиканската држава Чиапас, најмалку 68 деца се онесвестиле, повраќале или биле дезориентирани. Десетици од нив завршиле в болница. Овој пат тестовите откриле траги од кокаин кај четворица ученици.

Четири дена подоцна, на 11 октомври, се случил нов инцидент во средното училиште Федерал 1 во Тапачула; овој пат се онесвестиле 18 деца, повторно главно девојчиња. Гледис повторно добила порака и заминала во училиштето.

Кога пристигнала, нејзината ќерка била добро, но набргу рекла дека почувствувала необична миризба на запалено и и се присторило дека видела крв. Потоа таа повторно паднала во бесвест. По вториот инцидент, властите испратиле кучиња во училиштето да бараат дрога, но не нашле ништо.

Во текот на следните два месеца, во најмалку шест средни училишта во четири мексикански држави, меѓусебно оддалечени стотици километри, се случиле серија масовни паѓања во бесвест. Се разболеле 227 деца, главно девојчиња. Неколку ученици беа болни со денови или недели.

Гледис не им веруваше на лекарите кои рекоа дека се работи за напади на паника. Како и другите родители, таа се загрижила дека нејзината ќерка се дрогира. При првата посета на болницата, семејството дополнително платило и крвни тестови за марихуана, кокаин, опиоиди, метамфетамин и други амфетамини. Сите резултати биле негативни.

На социјалните мрежи и во мексиканските медиуми се појавиле различни теории за можната причина; некои сугерираа дека станува збор за труење со ѓубрива, ретка бактериска болест или вдишување чад. Еден напис во шпанскиот весник Ел Паис пишува дека можеби постоела „непозната супстанца“ во изворите на вода.

Епидемиологот Карлос Алберто Пантоја Мелендез се заинтересирал за серијата несвестица и направил своја анализа. Една по една ги отфрли речиси сите можни теории. „Можеме да ја исклучиме дрогата бидејќи речиси сите ученици беа негативни на тестот“, изјави Мелендез.

„Да беше во прашање дрога, веќе ќе знаевме“, рече тој. Што се однесува до бактериите во храната или пијалоците, инсектицидите или топлотниот удар, мала е веројатноста сите ученици да имаат симптоми истовремено, смета Мелендез. Според него, останува само уште една можност – масовна хистерија.

Масовната хистерија е редок психолошки феномен во кој, по еден инцидент на невообичаени симптоми (несвестица, напади и сл.), и други луѓе неволно ги повторуваат истите симптоми. „Епидемиите“ на масовна хистерија може да траат неколку часа или месеци, а се јавуваат особено во средини со строга хиерархија, каде што луѓето поминуваат многу време заедно, како што се верските институции и училиштата.

Имено, од почетокот на оваа необична ситуација, работната претпоставка беше дека нема поврзаност меѓу училиштата во кои имало случаи на несвестица. Но, на крајот на март, Мелендез разговараше со епидемиолог во Веракруз, кој рече дека учениците од училиштето Текника биле во иста група на Ватсап како и оние од училиштето Федерал 1 во Тапачула. Во групата се споделувале вести за првите серии на паѓање во бесвест.

Г. Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново