Маж во САД погубен со стрелачки вод за убиствата извршени во 2004 година

Во американската сојузна држава Јужна Каролина синоќа беше извршена смртна казна врз 44-годишниот Стивен Брајант, кој беше стрелан пред стрелачкиот вод, со што стана третото лице во државата погубено на овој начин годинава.

Брајант беше осуден за убиство на три лица во рурално подрачје на Јужна Каролина во 2004 година, пренесе агенцијата АП.

Осудениот сам ја избрал методата на стрелачки вод наместо смртоносна инјекција или електрична столица. Не дал последна изјава, а погубувањето траело околу една минута. На извршувањето присуствувале три члена од семејствата на жртвите.

Пред егзекуцијата, Брајант го добил последниот оброк по сопствен избор, кој вклучувал пржена риба, школки, ролни со јајца и чоколадна торта.

Брајант ги убил Вилард „Ти-Џеј“ Тиден и уште двајца мажи во рок од пет дена. Неговите адвокати тврдеа дека тој страдал од трауми поради злоупотреба во детството и дека се обидувал да се справи со психолошките последици преку употреба на дрога и метамфетамин.

Со ова погубување, Стивен Брајант стана 43-тата личност егзекутирана во САД по судски налог оваа година. Јужна Каролина има извршено вкупно 50 смртни казни откако ја врати оваа практика пред четири децении.

Стрелачкиот вод има долг историски корен во САД и често се користел за воени и политички погубувања, како и на Дивиот Запад. Во последните години, оваа метода повторно се применува во неколку држави поради недостиг на хемикалии потребни за смртоносните инјекции.

Јужна Каролина и понатаму ја дозволува електричната столица, додека стрелачкиот вод е резервна или алтернативна метода во дел од американските сојузни држави.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен