Најмалку пет лица загинаа откако авион на мексиканската морнарица, кој бил на медицинска мисија и превезувал дете со тешки изгореници, се урна во густа магла во близина на Галвестон, Тексас, јавува BBC.
Според податоците од страницата за следење летови FlightRadar, леталото последен пат било регистрирано во 15:01 часот по локално време над заливот Галвестон. Летот бил организиран за фондацијата Michou y Mau, која обезбедува медицинска грижа за деца во Мексико со тешки изгореници.
Од мексиканското Секретаријат за морнарица соопштија дека едно лице сѐ уште се води како исчезнато, додека две лица се спасени живи. Потрагата и спасувањето се одвивале во координација со U.S. Coast Guard.
Видео-снимка што ја доби новинската агенција Associated Press прикажува остатоци од авионот во водата, додека очевидци и полицајци влегуваат во морето за да ги пребараат урнатините. Локалниот капетан на јахта, Скај Декер, изјави дека пренел двајца полицајци до речиси потонатиот авион и дека успеал да пронајде тешко повредена жена.
„Не можев да поверувам, имаше само неколку сантиметри простор за воздух. Навистина се бореше за живот“, изјави Декер.
Претходно, мексиканските власти информираа дека спасувачките тимови, вклучувајќи нуркачи, работеле во исклучително тешки услови поради густата магла во областа на Галвстон.
Фондацијата Michou y Mau на социјалната мрежа X изрази „најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од оваа трагедија“.
Истражните органи во Тексас продолжуваат да ги утврдуваат причините за несреќата.