Мексико едногласно забрани делфински претстави: Сенатот го усвои „Законот за Минчо“

Мексиканскиот Сенат со 99 гласови „за“ и ниту еден против, изгласа целосна забрана за користење на делфини и други морски цицачи во забавни претстави, интерактивни програми и туристички активности, објави Mexico News Daily.

Со оваа одлука заврши повеќегодишниот законодавен процес што почна по сериозниот инцидент со делфинот Минчо во одморалиштето Барсело Маја Гранд. Новиот амандман, популарно наречен „Законот за Минчо“, ја ревидира употребата на морски цицачи во забавната индустрија и дозволува нивна експлоатација само во строго контролирани научни истражувања одобрени од Министерството за животна средина.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум го стави законот на врвот на агендата во специјална седница на Конгресот, опишувајќи го како „историски чекор за благосостојбата на животните“.

Забрани и казни

Законот дополнително забранува и размножување на морски цицачи во заробеништво, освен ако не се работи за програми за нивна реинтродукција во природата. За постоечките животни, се наложува доживотна хумана грижа, а непочитувањето на регулативата ќе се санкционира со високи казни.

Во Мексико моментално има околу 350 делфини во заробеништво, распоредени во околу 30 делфинариуми. Со оваа законска промена, земјата се придружува на држави како Канада, Чиле, Костарика и Франција, кои веќе воведоа слични забрани.

Спроведувањето на законот ќе почне со ревизија на сите дозволи за постојните објекти за диви животни, најавија властите по средбата со активистите на 18 јуни.

Зачлени се на нашиот е-билтен