Мексико ја забрани брзата храна во училиштата

Мексиканската влада во саботата воведе забрана за продажба на брза храна во училиштата низ целата земја, со цел да се спротивстави на растечкиот проблем со дебелината и дијабетесот.

Според новите прописи, кои стапија на сила денес, забранети се засладени овошни сокови, чипс и други преработени солени и слатки производи, пренесува AP.

По повод воведувањето на забраната, Министерството за образование на Мексико објави порака на социјалната мрежа X: „Збогум, брза храна!“

Дополнително, министерството ги повика родителите да ја поддржат владината кампања, подготвувајќи здрави оброци за своите деца.

Според новите правила, училиштата се обврзани да нудат алтернативи на брзата храна, како такоси со грав, и да ги поттикнуваат учениците да пијат обична вода.

„Подобро е да се изеде такос со грав, отколку пакување чипс“, порача претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, изразувајќи поддршка за новите прописи.

Според податоците на UNICEF, мексиканските деца се најголеми потрошувачи на брза храна во Латинска Америка, а бројот на деца со прекумерна тежина достигнал алармантни нивоа, наведува AP.

Зачлени се на нашиот е-билтен