Меланија Трамп договори примирје во град каде луѓето јадат трева

Меланија Трамп посредувала за привремено примирје меѓу Русија и Украина во окупираниот украински град Олешки, соопшти Белата куќа на 23 октомври. Прекинот на воените дејства е најавен за 29 октомври, за да овозможи доставување хуманитарна помош и подготовка за евакуација на цивилите заробени во тешки услови близу фронтот.

Договорот се однесува на Олешки, град во Херсонската Област што е под руска окупација од 2022 година. Неговата хуманитарна состојба ја документираше и Скај њуз, чиј дописник Стјуарт Ремзи разговарал со жител што потврдил дека луѓе варат и јадат трева за да преживеат. Соговорникот предупредил дека доаѓањето на зимата дополнително ќе ги загрози оние што немаат можност да заминат.

„Олешки е град на фронтот, на работ на катастрофа“, изјави Меланија Трамп во соопштението. Таа посочи дека преостанатото население претежно го сочинуваат повозрасни луѓе на кои итно им се потребни лекови, медицинска помош, храна и чиста вода.

Според процената на Белата куќа, во градот останале меѓу 1.700 и 2.000 жители, вклучително и околу 50 деца. Пред војната таму живееле приближно 24.000 луѓе. Овие бројки се процени, бидејќи од 2022 година немало формално пребројување на населението.

Договорот го потврди и Кремљ. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека руската и украинската војска го усогласуваат времето за неговото спроведување и ја поздрави улогата на американската прва дама. Украинскиот преговарач Давид Арахамија, пак, соопшти дека хуманитарната операција ќе почне по воспоставувањето на примирјето, пренесува Ројтерс.

Арахамија наведе дека договорот е резултат на подолг процес во кој биле вклучени Меланија Трамп и папата Лав XIV. Украински владин извор за Скај њуз потврдил дека подготовките за хуманитарниот коридор се во тек, но почетокот на 29 октомври го условил со успешно спроведување на планот.

Според најавениот модел, цивилни тимови од двете страни ќе ги посетуваат жителите во нивните домови за да утврдат каква помош им е потребна. За оние што доброволно ќе изберат евакуација е предвиден организиран превоз кон посакуваната дестинација. Подготовките вклучуваат и координација за деминирање.

Во соопштението не е наведено колку ќе трае локалното примирје, ниту како ќе се надгледува неговото почитување. Песков изјави дека самата евакуација се очекува да потрае најмалку неколку дена.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?