Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска соопшти дека центрите за обработка на азилантски барања во Албанија – проект на Италија стар две години – конечно ќе почнат со работа откако ќе стапи во сила новиот европски пакт за миграција и азил.
„Центрите ќе функционираат токму онака како што беше планирано. Потрошивме две години за да го вратиме процесот на почеток – нешто за што не сносам одговорност. Две години подоцна, правиме истото што можевме да го направиме и тогаш“, изјави Мелони на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама по самитот Италија–Албанија во Рим, пренесува Анса.
И покрај судските пречки, Мелони и оваа година истакна дека планот за испраќање нерегуларни мигранти од Италија во албанските центри ќе продолжи. Италијанските судии неколкупати ја блокираа практиката, поради што групи мигранти беа вратени назад од Албанија во Италија.
Премиерката претходно изрази надеж дека Европскиот суд ќе спречи дополнително нарушување на политиките за репатријација, кои, како што нагласи, се од критично значење не само за Италија, туку и за другите земји-членки на ЕУ.
Италија изгради два специјализирани центри на албанска територија со цел привремено задржување на мигранти додека се обработуваат нивните барања за азил. Но, домашните судови во Рим остануваат резервирани, укажувајќи дека шемата можеби не е во согласност со последната пресуда на Европскиот суд на правдата, која предупредува на ризици од испраќање мигранти во држави што не се сметаат за доволно безбедни.
Извор: Новатв.мк

