Mercedes-Benz ќе исплати 120 милиони долари во САД поради манипулации со емисиите на гасови

Компанијата Mercedes-Benz соопшти дека ќе исплати вкупно 120 милиони долари во неколку американски сојузни држави поради користење софтвер за манипулирање со податоците за емисиите на издувни гасови во одредени дизел возила. Со оваа спогодба ќе бидат затворени сите преостанати постапки поврзани со таканаречениот „Дизелгејт“, пренесува Ројтерс.

Според договорот со државните обвинители во САД, компанијата на овој начин ќе ги реши тужбите за заштита на животната средина поврзани со дизел возилата BluTEC, кои во минатото беа рекламирани како „најчисти и најнапредни дизел возила во светот“.

Во рамки на спогодбата, Mercedes-Benz ќе продолжи со програмата за доопремување на возилата со одобрен софтвер за контрола на емисиите на штетни гасови. Ова ќе резултира со дополнителни, непланирани трошоци од повеќе десетици милиони долари.

Од компанијата нагласуваат дека овие трошоци нема да имаат влијание врз конечните приходи, бидејќи, како што наведуваат, „веќе е формирана доволна финансиска резерва за покривање на целокупното порамнување“.

Зачлени се на нашиот е-билтен