Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел оцени дека доминацијата на американските компании на полето на вештачката интелигенција бара итно воспоставување јасни правила и регулативи дури и по цена на политички судир со САД.
Настапувајќи на настан организиран од магазинот Штерн во Берлин, Меркел нагласи дека пазарот на вештачка интелигенција мора да добие јасно дефиниран правен рамковник.
„Ова бара јасни рамки, бара регулација. Тоа ќе биде следната голема битка со САД, околу прашањето дали можеме да ги регулираме дигиталните медиуми или не“, изјави Меркел, додавајќи дека САД силно ќе се спротивстават на воведувањето било какви ограничувања.
Според неа, оставање на целата контрола во рацете на операторите и приватните корпорации носи сериозен ризик:
„Ако не внимаваме на тоа како изгледаат алгоритмите и кој одлучува за нив, може многу да ни биде одземено, а да не сме ни свесни.“
Меркел се осврна и на новата американска стратегија за национална безбедност, оценувајќи ја со скепса.
„Мислам дека ние, Европејците, никогаш не би требало сами да ги прекинеме врските со САД“, изјави таа. „Но, не можеме ниту да прифатиме да нè третираат на начинот на кој тоа го прават во моментот.“
Поранешната канцеларка особено ја загрижува, тоа што Вашингтон ги гледа Европската унија и другите европски организации како пречка, и што настојува посебно да ги придобие одделни земји-членки.
„Тоа не може да биде во интерес на Европа“, порача поранешната канцеларка, која ја водеше Германија цели четири мандати.