Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово пристигна во посета на
Украина, во знак на поддршка на украинското лидерство и украинските граѓани во
борбата за одбрана на својата земја и зачувување на својот суверенитет.
Петровска во Украина при средбите со претставници на официјален Киев ќе го
пренесе ставот кој Северна Македонија го имаше од самиот почеток на руската
агресија – Северна Македонија целосно го поддржува украинскиот суверенитет во
своите меѓународно признати граници и дава поддршка на правото на Украина за
самоодбрана. Воените дејствија, уништувањата и страдањата на украинскиот народ мора веднаш да запрат.
Министерката Петровска во Украина лично ќе се запознае со последиците од
уништување и разорување предизвикани од руската агресија, а од претставниците на официјален Киев одблиску ќе се информира за состојбата на теренот, јави нејзината прес-служба.