Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мишел: ЕУ нема да признае незаконски обид за промена на статусот на украинските територии

Русија ги усоврши инструментите на теророт и прогонот што ги применуваше на Крим во текот на изминатите девет години и сега вршат злосторства во градовите и селата низ цела Украина, од кои многу претставуваат воени злосторства, порача денеска претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во своето видео обраќање на Третиот самит на Кримската платформа.

– ЕУ ќе продолжи да повикува на целосна одговорност за овие злосторства, вклучително и за кривичното дело агресија и нема да признае каков било незаконски обид за промена на статусот на териториите на Украина, вклучително и на Автономната Република Крим и градот Севастопол, бидејќи почитувајќи ги суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите се основен принцип на Повелбата на ОН и затоа ве поддржуваме вас, претседателе Зеленски, и вашата мировна формула заснована токму на овие принципи, изјави Мишел обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Мишел потенцира дека иако Украинците се борат за својата слобода, за својата иднина и за својата татковина, ЕУ знае дека тоа е борба и за заеднички европски вредности, затоа воведе санкции против Русија и ја поддржува Украина со оружје и муниција и ќе ја зајакне оваа поддршка.

– Помагаме да ги задоволиме вашите хуманитарни потреби и решени сме да ја поддржиме вашата земја со силна финансиска поддршка. Ние стоиме со вас во вашата борба за слобода и ќе бидеме со вас додека ја обновувате вашата земја. Нашата вкупна поддршка за Украина изнесува повеќе од 76 милијарди евра. И подготвуваме повеќегодишен план за финансирање од околу 50 милијарди евра, додаде Мишел.

Тој ја обвини Русија дека ја користи храната како оружје со блокирање и напаѓање на украинските поморски пристаништа, што најтешко ги погодува најранливите категории граѓани ширум светот.

Мишел нагласи дека ЕУ ги поддржуваме напорите на Обединетите нации и Турција за обнова на иницијативата за извоз на жито преку Црното Море, но исто така помага и да се изнајдат патишта за транспорт на украинските земјоделски производи преку територијата на Унијата до глобалните пазари.

– Оваа војна е и борба за вашата иднина, за вашиот сон за светла, демократска и попросперитетна иднина во ЕУ. Минатата година Украина доби статус на кандидат за членнство во ЕУ. Значи, вашата иднина во Европската Унија повеќе не е прашање дали, туку кога, потенцира Мишел.

Тој најави дека Европскиот совет до крајот на оваа година ќе расправа и за можноста за отворање на пристапните преговори со Украина, изразувајќи уверување дека „украинскиот народ и лидерите ќе се издигнат до овој историски момент“.

– Можете да сметате на мојата лична поддршка, можете да сметате на ЕУ. Ќе стоиме покрај вас онолку колку што е потребно, додаде Мишел, завршувајќи го обраќањето со пораката: „Слава Украини!“. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира