Мистерија над Бугарија: Што навистина се случи со летот на Урсула фон дер Лајен?

Изминатата недела Европа беше потресена од веста за наводна интервенција на Русија во летот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Обвинувањата за намерно попречување на GPS-сигналите во авионот што летал кон Бугарија предизвикаа дипломатски немири и стравувања од хибридни закани. Но, како што се чини, приказната полека добива поинаков тек.

Почетокот на мистеријата

Инцидентот се случил во неделата, кога приватниот авион, изнајмен од Европската комисија, при слетување во бугарскиот град Пловдив, наводно останал без GPS сигнал. Според „Фајненшл тајмс“, чии новинари биле во авионот, леталото кружело околу еден час пред да слета со помош на традиционални, хартиени мапи. Информацијата веднаш доби политичка тежина – Брисел и Софија остро ја обвинија Русија за намерно мешање, нарекувајќи го инцидентот „очигледна интервенција“.

Расплетот на настаните

Но, само неколку дена подоцна, сликата значително се промени. Според податоците на Flightradar24, GPS-сигналот воопшто не бил изгубен, а доцнењето при слетувањето изнесувало само девет минути. Дополнително, јавните податоци откриваат дека истиот авион доживеал GPS-попречување ден порано над Балтикот, но не и во воздушниот простор на Бугарија.

До вторник, и бугарскиот премиер Розен Жељазков се огради од првичните изјави, нарекувајќи го инцидентот „рутнски технички проблем“, поврзан со општите последици од војната во Украина. Тој нагласи дека нема потреба од дополнителна истрага, бидејќи наводното попречување не претставувало ниту хибридна, ниту сајбер закана. Исто така, потврди дека авионот имал резервен електронски систем за навигација.

Што всушност се случило?

Бугарската влада за „Политико“ изјави дека „контролата на летање веднаш предложила алтернативен пристап до пистата преку земјени навигациски системи независни од GPS“. Според експертот Јан-Арвед Рихтер од JACDEC, пилотот првично се откажал од слетување, направил круг и потоа безбедно ја приземјил леталката.

Иновативната компанија SkAI Data Services потврдила дека имало регионално попречување на сигналот на голема височина, но не и губење на GPS врска кај конкретниот лет. Наместо еден час доцнење, како што се шпекулираше, реалното доцнење било девет минути.

Безбедносни ризици и одговорот на ЕУ

Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, потврди дека имало попречување на GPS, но истакна дека авионот безбедно слетал и дека слични инциденти станале почести од почетокот на војната во Украина. Европските агенции Eurocontrol и EASA веќе работат на истрага.

Стручњаците предупредуваат дека иако ваквите нарушувања се алармантни, современите авиони располагаат со алтернативни системи за навигација. Според EASA, „нема забележан инцидент со директна катастрофа поради GPS-попречување“, иако постои реална закана од лажирани сигнали кои можат да влијаат на системот за слетување (ILS), како што се случи во трагичниот случај во Осло, 1972 година.

Европа се подготвува

Инцидентот во Бугарија повторно ги отвори прашањата за безбедноста на европскиот воздушен простор. Комесарот за вселена, Андриус Кубилиус, најави нови сателити и засилени капацитети за откривање на вакви нарушувања. Уште во мај, осум земји од ЕУ алармираа за „драматичен пораст“ на GPS-попречувања, најчесто во источна Европа.

Полска, на пример, пријавила 2.732 инциденти само во јануари 2024 година. Делегациите укажаа дека станува збор за „системска, намерна акција“ на Русија и Белорусија. Шефицата на ЕУ за технологија, Хена Виркунен, изјави дека Унијата ќе застане зад своите земји-членки во борбата против оваа „сериозна закана“.

Зачлени се на нашиот е-билтен