Мистеријата Меланија Трамп: Првата дама што исчезна од јавноста

Додека Доналд Трамп постојано е во фокусот на медиумите откако повторно се всели во Белата куќа, неговата сопруга, Меланија Трамп, речиси сто дена не се појавува јавно – и тоа станува една од најголемите политички мистерии во Америка.

Родена во Словенија, Меланија е единствената прва дама на САД родена во комунистичка држава и само втора родена надвор од Америка. Пред да го запознае Трамп, имала кариера како модел во Европа и Њујорк, а нивната врска започнала во 1998 година. Се венчаа во 2005, а една година подоцна го добија синот Барон.

За разлика од претходните први дами, Меланија никогаш не криела дека не ѝ одговара јавната улога. Уште во 2017 година, кога Трамп првпат стана претседател, таа остана во Њујорк – официјално поради школувањето на синот, но јавноста тоа го протолкува како одбивање да влезе во политичката арена.

Во новиот мандат на Трамп, нејзиното отсуство е уште повпечатливо. Единствено појавување ѝ беше на погребот на папата Франциск во Рим, каде кратко беше видена со сопругот. Веднаш по враќањето во Америка, парот се разделил – Трамп отпатувал на голф, а Меланија заминала на друго место.

Нејзиното исчезнување предизвикува бројни коментари на социјалните мрежи и шпекулации во медиумите. Иако за време на првата кампања на Трамп таа се појавуваше како дискретна, но значајна поддршка, сега нејзиното влијание останува само зад сцената.

Познато е дека има влијание врз својот сопруг – во еден случај дури изнудила оставка од негов близок советник. Но таа сѐ уште одбива да живее под лупа и внимателно го одбира моментот кога ќе се појави во јавноста.

Иако има пристап до сите највисоки институции, Меланија останува дистанцирана. Таа сама се грижи за синот Барон, без дадилки, и ја цени приватноста повеќе од било која друга прва дама досега. По смртта на нејзината мајка во 2024, уште повеќе се повлече од јавноста.

Извори блиски до семејството тврдат дека Меланија и Доналд Трамп живеат одвоени животи, иако делат резиденции. Таа речиси никогаш не присуствува на јавни настани, а кога тоа се случува, нејзиниот стил и настапи предизвикуваат бурни реакции.

Живот за кој никогаш не сонуваше

Меланија никогаш не посакувала да биде прва дама – тоа беше јасно уште на првата инаугурација во 2017 година, кога нејзиното однесување инспирираше и интернет-кампања со хаштагот #SaveMelania. Наместо амбициозна политичка улога, таа секогаш претпочитала приватност и тишина.

Сега, пред неа стои нов медиумски предизвик – Amazon наскоро ќе објави документарец за нејзиниот живот. Дали тоа ќе ја врати во центарот на вниманието или ќе ја зацврсти нејзината улога како „прва дама од сенка“, останува да се види.

Зачлени се на нашиот е-билтен