Светската потрошувачка на вино во 2024 година падна на историски минимум, најнизок од 1961 година, соопшти Меѓународната организација за лозарство и винарство (OIV). Овој пад се припишува на комбинација од економски, социјални и климатски фактори, вклучително и променетите навики на потрошувачите, особено кај младите генерации.
Според OIV, минатата година во светот се консумирале 214,2 милиони хектолитри вино – што е пад од 3,3% во однос на 2023 година. Во споредба, во 1961 година потрошувачката изнесувала 213,6 милиони хектолитри.
Истовремено, светската производство на вино опаднало за 4,8% и изнесувало 225,8 милиони хектолитри – најнизоко ниво во последните повеќе од шест децении.
„Винската индустрија се соочи со совршена бура – здравствени грижи, инфлација, геополитички тензии и долгорочни промени во односот на потрошувачите кон алкохолот“, изјави Џорџо Делгросо, раководител за статистика во OIV.
Виното станува скапо, а младите не се заинтересирани
Од 2019/2020 година наваму, глобалната потрошувачка на вино е намалена за 12%, додека просечната цена на едно шише пораснала за околу 30%. Најголемиот пазар за вино – САД – бележи пад од 5,8%, на 33,3 милиони хектолитри.
Дополнителен удар за индустријата би можеле да бидат американските царини, воведени уште за време на администрацијата на Доналд Трамп. Во Кина, пак, пазарот сè уште не се опоравил од ударот на пандемијата.
Во Европа – која претставува речиси половина од глобалниот пазар – потрошувачката е намалена за 2,8%. Во Франција падот е 3,6%, додека Шпанија и Португалија се ретки примери каде потрошувачката расте.
Производството на удар од екстремните временски услови
Производството не остана имунo на климатските влијанија – екстремни горештини, поплави и суши ги погодија главните производствени региони.
И покрај сè, Италија ја задржа титулата најголем светски производител, со 44 милиони хектолитри. Но, Франција забележа пад од 23%, со само 36,1 милион хектолитри – најмалку од 1957 година. Шпанија произведе 31 милион, додека САД паднаа за 17,2%, на 21,1 милион хектолитри, најмногу поради екстремни температури.
Дали виното губи генерација?
Сè повеќе индиции укажуваат на т.н. „генерациска промена“. Според податоците од францускиот синџир винари „Nicolas“, младите се сè помалку заинтересирани за алкохол, а особено за традиционалните пијалаци како што е виното.
Иако е рано да се предвиди дали трендот ќе се сврти, аналитичарите предупредуваат дека индустријата ќе мора да се прилагоди на новата реалност.