Момче на 15 години изврши атентат врз опозициски кандидат за претседател на Колумбија. Сенаторот Мигел Урибе, кој важеше за потенцијален кандидат на претседателските избори следната година, се наоѓа во критична состојба во болница, откако беше застрелан на настан во Богота, јавуваат локалните медиуми.
Триесет и деветгодишниот Урибе, член на партијата Центро Демократико (Демократски центар), најголемата опозициска сила во Колумбија, изрази намера да се кандидира на изборите во 2026 година.
Тој бил застрелан двапати во саботата попладне во округот Фонтибон во главниот град, според канцеларијата на јавниот обвинител. Полицијата соопшти дека уапсениот 15-годишник носел пиштол „Глок“ во моментот на апсењето. На социјалните мрежи се појавија вознемирувачки снимки од моментот кога Урибе е застрелан во главата додека држи говор на собир со неговите поддржувачи, како и од апсењето на малолетникот.
Во телевизиско обраќање во саботата навечер, претседателот на Колумбија, Густаво Петро, го осуди нападот и вети дека ќе ги пронајде и изведе пред правдата сите одговорни, алудирајќи дека зад инцидентот стојат и други криминалци.
„Ништо не смее да се поштеди, ниту еден пезос, ниту еден миг од нашата енергија, за да го најдеме нарачателот… Каде и да живее, било во Колумбија или во странство“, изјави Петро.
Претседателот укажа на шема според која криминалните мрежи во Колумбија користат малолетници и најави независна истрага за да се утврдат „интелектуалните автори“ на нападот потенцијално поврзани со „криминални босови“ одговорни за повеќе политички убиства во земјата.
Тој изрази надеж дека сенаторот Урибе ќе преживее и порача дека политиката треба да биде „ослободена од насилство“.
Сопругата на Урибе, Марија Клаудија Тарасона, објави порака на неговиот профил на X (поранешен Твитер), повикувајќи на молитви за негово закрепнување.
„Мигел во моментов се бори за својот живот. Да се молиме Бог да ги води рацете на лекарите кои го лекуваат“, напиша таа.
Soy Maria Claudia Tarazona, esposa de Miguel.
— Miguel Uribe (@MiguelUribeT) June 8, 2025
Miguel está luchando en estos momentos por su vida. Pidamos a Dios que guíe las manos de los doctores que están atendiéndolo.
Les pido a todos unirnos en una cadena de oración por la vida de Miguel.
Pongo mi Fe en Dios 🙏🏼
Болницата „Санта Фе де Богота“, каде што е хоспитализиран, соопшти дека Урибе бил подложен на „неврохируршки и васкуларни процедури“.
„Состојбата на Урибе е стабилна, но сè уште критична“, изјави државната обвинителка Лус Адријана Камарго за телевизијата Каракол ТВ.
Урибе потекнува од истакната колумбиска политичка фамилија. Тој е внук на поранешниот претседател Хулио Сезар Турбај Ајала, кој ја водеше земјата од 1978 до 1982 и почина во 2005 година.
Неговата мајка, Дијана Турбај, била новинарка киднапирана од нарко-картелот Меделин под водство на Пабло Ескобар, и убиена за време на спасувачка операција во 1991 година. Неговата баба, Нијдиа Кинтеро де Балкасар, е основачка на организацијата „Солидарност за Колумбија“.
Како дипломец на Харвард, Урибе влезе во Сенатот во 2022 година, по кариера во локалната политика во Богота.
Се идентификува како претставник на десното крило во колумбиската политика и ја води опозицијата со фокус на безбедноста и странските инвестиции.
Во октомври 2024 година, тој ја објави својата кандидатура токму од местото каде што беше убиена неговата мајка, изјавувајќи дека нејзината смрт му го одредила животот. „Можев да пораснам барајќи одмазда, но решив да го направам вистинското: да простам, но никогаш да не заборавам“, рече тогаш Урибе.
Со оглед на тоа што кампањата за претседателските избори е сè уште во рана фаза, Демократскиот центар сè уште нема избрано официјален кандидат.
Нападот предизвика осуда од страна на колумбиската влада, Демократскиот центар, поранешни претседатели и светски лидери.
Пред обраќањето на Петро, кабинетот на претседателот издаде соопштение во кое „категорично и решително“ го осудува нападот.
„Овој чин на насилство претставува напад не само врз личниот интегритет на сенаторот, туку и врз демократијата, слободата на мислење и легитимното вршење на политика во Колумбија“, се вели во соопштението на Претседателството.
Министерот за одбрана Педро Санчес Суарез објави награда од 3 милијарди пезоси (околу 730.000 американски долари) за информации кои ќе помогнат во фаќањето на одговорните.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон го осудува нападот „со најсилни можни зборови“, нарекувајќи го „директна закана за демократијата“. Тој го припиша нападот како „насилна левичарска реторика што доаѓа од највисоките нивоа на колумбиската влада“ и ги повика колумбиските функционери да се воздржат од „запалив говор“.
Претседателот Петро подоцна изјави дека ги отфрла „опортунистичките“ обиди нападот да се искористи „во политички цели“.
Партијата Демократски центар на Урибе го нарече нападот „неприфатлив чин на насилство“.
„Остро го осудуваме овој напад кој не само што ја загрозува животот на еден политички лидер, туку и ја напаѓа демократијата и слободата во Колумбија“, се вели во соопштението.
Најмалку четворица поранешни претседатели, Ернесто Сампер, Алваро Урибе Велез, Хуан Мануел Сантос и Иван Дуке, изрекоа осуди. Центро Демократико е партијата и на Урибе и на Дуке.
Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, испрати молитви до семејството на Урибе и додаде: „ја осудуваме секоја форма на насилство и нетолеранција“.
Во доцните 1980-ти и раните 1990-ти, кога мајката на Урибе беше убиена, Колумбија го доживеа еден од најцрните периоди на политичко насилство, со убиства на неколку кандидати за претседател.
Урибе е еден од најистакнатите членови на новата генерација политичари кои се деца на жртвите од тој период, заедно со актуелниот градоначалник на Богота, Карлос Фернандо Галан, син на поранешниот либерален лидер Луис Карлос Галан, кој беше убиен во 1989 година.
Еден од најголемите ривали на Урибе во Сенатот, Марија Хозе Писаро, е ќерка на Карлос Писаро Леонгомез, убиен во 1990 година додека водеше претседателска кампања за левичарското движење М-19.