Русија повторно беше цел на напад со беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Ова е втор поголем инцидент од ваков тип во изминатите неколку дена, по нападот регистриран на 10 декември.
Според информациите објавени од Собјанин, системите за противвоздушна одбрана успеале да соборат најмалку 18 дронови кои се упатувале кон Москва. Тој нагласи дека засега нема податоци за повредени лица или предизвикана материјална штета, додека надлежните служби интервенираат на терен за расчистување на остатоците.
Руското Министерство за одбрана подоцна информираше дека во текот на ноќта биле пресретнати вкупно 130 беспилотни летала над различни региони во земјата, од кои 25 над Московската област.
Жители од Истринскиот округ, кој се наоѓа на околу 40 километри западно од главниот град, пријавиле повеќе силни експлозии, јавуваат руски Телеграм-канали. Слични извештаи за детонации имало и од Кашира и Коломна, градови јужно од Москва.
Taking the war to russian’s front door in Moscow tonight:
— Beefeater (@Beefeater_Fella) December 14, 2025
🔥Drones are attacking Moscow: explosions are heard and smoke is rising. Muscovites are panicking. Cope is real. pic.twitter.com/45Ca3Wym77
Поради безбедносни причини, биле воведени привремени ограничувања во авионскиот сообраќај на аеродромите Жуковски и Домодедово. Како и при претходните напади, и овој пат дојде до нарушување на воздушниот сообраќај, со одложувања и откажувања на голем број летови.
Во последните месеци, Украина сè почесто користи дронови со долг дострел за напади врз воени и индустриски објекти длабоко на руска територија. На 13 декември, според извештаи, биле погодени неколку цели, меѓу кои и нафтена рафинерија и складишта за гориво во различни делови од Русија.
Во моментот на објавување, независна потврда на изнесените тврдења од руските власти не беше возможна.