Најновото истражување на австралискиот универзитет Монаш открива дека проучувањето на мозочната активност кај животните може да понуди вредни сознанија за еволуцијата на когнитивните способности кај човекот, како и да помогне во развојот на напредни вештачки системи.
Како што се наведува во денес објавената студија на универзитетот од Мелбурн, овие сознанија можат да се искористат за создавање на поинтуитивна вештачка интелигенција и биокомпјутерски системи.
Водачката на проектот, Скарлет Хауард, истражува на кој начин мозокот на мали животни – од механиката на летање кај водени коњчиња до видот кај пчелите – може да инспирира развој на напредни технологии што го имитираат движењето, однесувањето и перцепцијата на животните.
Хауард посочува дека животните можат да бидат значаен модел за креирање нови технологии, особено во областа на роботиката и вештачката интелигенција.
Во нејзината студија, објавена во списанието Trends in Cognitive Sciences, се нагласува дека многу процеси и начини на кои животните решаваат задачи – како избегнување судари при летање – можат да доведат до попрецизни и поадаптабилни технологии, пренесе агенцијата Синхуа.
Хауард истакнува и дека разбирањето на тоа како животните реагираат на нови предизвици може да помогне во предвидување како ќе се снаоѓаат со промените во животната средина предизвикани од човекот.