На AfD ѝ опаѓа поддршката

Во најновата анкета што редовно се спроведува по налог на германскиот јавен сервис ARD, Алтернатива за Германија (AfD) изгубила еден процент поддршка. Истовремено, големото мнозинство граѓани не веруваат во скорешен крај на војната во Украина, известува Deutsche Welle.

Доколку следната недела се одржат избори за Бундестагот, владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите повеќе не би го имало потребното парламентарно мнозинство.

Опозицијата посилна од големата коалиција

Најсилни би останале сестринските конзервативни партии Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјалната унија (CSU). AfD, кој делумно се смета за крајно десничарска, забележала благ пад. Тоа се резултатите од актуелната анкета Deutschlandtrend, која редовно ја спроведува институтот Infratest-dimap за ARD.

Незадоволството од владата, која е на функција само од мај оваа година, продолжува да расте особено од канцеларот Фридрих Мерц (CDU).

Доколку изборите се одржат следната недела, владејачката коалиција на демохристијаните и социјалдемократите би освоила 41% од гласовите премалку за парлментарно мнозинство.

AfD би изгубила уште еден процент во однос на последната анкета од почетокот на ноември, кога исто така забележаа пад од еден процент, додека Зелените и Левицата стагнираат. Трите опозициски партии заедно би освоиле 47% што значи дека во моментов имаат поголема поддршка од владината коалиција.

Само 20% се задоволни од работата на владата

Особено тешко стои врвот на владата предводен од канцеларот Мерц и вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингајл (SPD). Само 20% од испитаниците се задоволни или многу задоволни од работата на коалицијата два проценти помалку отколку во ноември. Толку ниска оценка владата доби уште во октомври, што тогаш беше негативен рекорд.

Најпопуларен политичар и понатаму е министерот за одбрана Борис Писториус (SPD), за кого 58% од анкетираните сметаат дека добро си ја врши должноста.

Фридрих Мерц има поддршка од 23%, што претставува пад од три процентни поени во однос на минатомесечната анкета. Ниту еден резултат за владејачките политичари не може да се оцени како добар.

Германците не веруваат во брз крај на војната во Украина

Претставници на САД и Русија во моментов преговараат за можен мир во Украина, но изгледите за успех се неизвесни. Почетниот план на САД во голема мера излегол во пресрет на интересите на Русија. Европските држави оттогаш често речиси очајнички се обидуваат да добијат пристап до преговорите и да ги подобрат условите за Украина.

Темата за војната и мирот во Украина силно ги преокупира и граѓаните на Германија. Две третини од нив не веруваат дека војната ќе заврши во наредните месеци. Иако се поздравува тоа што американскиот претседател Доналд Трамп воопшто изнел некакoв план, мнозинството смета дека американската иницијатива премногу оди во прилог на Москва.

Нема ни јасен став дали Украина треба да отстапи дел од своите територии за да се обезбеди мир, две приближно еднакво големи групи поддржувачи и противници стојат еднаспроти друга, со блага предност на оние кои го поддржуваат таквото решение.

Само 7% веруваат во долгорочно сигурни пензии

Најважна внатрешнополитичка тема моментално е пензискиот систем. Владата претстави пакет мерки кој треба да ја стабилизира висината на пензиите до 2031 година. Но јасно е дека населението живее подолго, а во пензија заминуваат најбројните генерации родени околу 1960 година. Пензискиот систем итно мора да се реформира, но мал број граѓани веруваат дека политиката ќе го реши проблемот.

Само 18% од испитаниците ја оценуваат состојбата на пензиското осигурување како добра или многу добра – разочарувачки резултат за политиката. Дури 79% ја критикуваат распределбата на товарот меѓу старите и младите, а уште повеќе сметаат дека системот не е правичен кога се споредуваат оние со повисоки и пониски примања. Само 7% веруваат дека пензиите ќе останат долгорочно финансиски одржливи.

Институтот Infratest-dimap ја спровел оваа анкета меѓу 1 и 3 декември, врз основа на околу 1.300 репрезентативно избрани граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен