На денешен дек пред 120 години Ајнштајн ја објави теоријата што засекогаш ја смени сликата за вселената

На 30 јуни 1905 година, тогаш само 26-годишниот германско-американски научник Алберт Ајнштајн ја објавил Специјалната теорија на релативноста — откритие што го означи почетокот на нова ера во физиката и целосно ја смени перцепцијата за просторот и времето.

Со оваа теорија, Ајнштајн прв ја отфрли идејата за апсолутен простор и апсолутно време, кои доминирале во науката уште од времето на Исак Њутн. Наместо тоа, тој докажа дека просторот и времето се релативни поими и дека нивната природа зависи од брзината и движењето на набљудувачот. Според Ајнштајн, двајца набљудувачи кои се движат со различни брзини ќе го доживеат времето и растојанието на поинаков начин — откритие што тогаш изгледало речиси невозможно.

Клучен столб на оваа теорија е постулатот за постојаноста на брзината на светлината. Без разлика колку брзо се движи изворот на светлината или самиот набљудувач, брзината на светлината во вакуум останува иста — околу 300.000 километри во секунда. Овој принцип ги отвори вратите за разбирање на нови појави, како што се времеските дилатации и контракцијата на должината при големи брзини.

Десет години подоцна, Ајнштајн ја објави и Општата теорија на релативноста, со која ја вклучи и гравитацијата, објаснувајќи ја како кривина на просторот и времето предизвикана од масата. Со ова тој успеа да објасни аномалии во движењето на планетите и да постави основа за модерната астрофизика и космологија.

И покрај тоа што теоријата на релативноста е најпозната, Ајнштајн ја доби Нобеловата награда за физика во 1921 година за објаснувањето на фотоелектричниот ефект — феномен што помогна во развојот на квантната механика и современата технологија.

Денес, 120 години подоцна, идеите на Ајнштајн и понатаму инспирираат научници ширум светот, поттикнувајќи нови истражувања и потврдувајќи ја неговата генијалност како една од најголемите умови во историјата на човештвото.

Зачлени се на нашиот е-билтен