Над 250 киднапирани ученици во Нигерија сè уште исчезнати, родителите очајни и огорчени

Повеќе од две недели по една од најмасовните киднапирања на ученици во последната деценија, родителите на исчезнатите деца во северна Нигерија очајно чекаат информации и ја обвинуваат државата за бавно и неефикасно постапување.

Наоружана група на 21 ноември упаднала во католичкото училиште „Света Марија“ во Папири, во сојузната држава Нигер (во состав на Нигерија), и одвела повеќе од 250 деца и 12 вработени.

Според Христијанската асоцијација на Нигерија, вкупно биле киднапирани 303 ученици, а околу 50 успеале да избегаат неколку часа по нападот. Од останатите деца, меѓу кои има и шестгодишници, нема никакви траги. Иденитетот на киднаперите останува непознат, а досега не е побаран ниту откуп, што ги засилува стравувањата на родителите.

Сандeј Гбазали, земјоделец и татко на 14-годишно момче кое е меѓу исчезнатите, вели дека нема сон откако се случила трагедијата и дека неговата сопруга постојано плаче. „Полицијата ни вели само да бидеме трпеливи, но ние не сме задоволни. Нашите деца се исчезнати“, изјави тој за „Ројтерс“.

Нападот повторно ја отвори дебатата за безбедноста на христијанските заедници во Нигерија. Американскиот претседател Доналд Трамп во последните месеци ја обвини нигериската влада за лош третман на христијаните, што стави дополнителен притисок врз претседателот Бола Тинубу. Тој минатата недела прогласи вонредна состојба и нареди регрутирање на илјадници полицајци и војници за справување со растечкото насилство.

И покрај уверувањата на властите дека „децата се добро и наскоро ќе се вратат“, семејствата велат дека немаат никакви нови информации. Бишкупот Булус Јохана, управител на училиштето, истакна дека регистрирањето на исчезнатите е отежнато, бидејќи многу родители живеат во оддалечени области без телефонска мрежа. Полицијата засега потврди дека најмалку 215 деца официјално се водат како исчезнати.

Активистите од глобалниот движење #BringBackOurGirls предупредуваат дека ова е само продолжување на долгогодишната криза со масовни киднапирања. Откако во 2014 година групата Боко Харам киднапираше 276 девојчиња во Чибок, во Нигерија се регистрирани најмалку уште 1.800 слични случаи.

Амнести интернешенал соопшти дека поради страв од напади, дури 20.500 училишта во седум северни држави се затворени, што го загрозува образованието на милиони деца во земја која и онака има една од најголемите стапки на децата надвор од училиште во светот, околу 20 милиони.

Еден од учениците што успеале да избегаат, 13-годишниот Стивен Самуел, вели дека дури и по евентуалното ослободување на децата, ништо нема да биде исто. „Не знам дали некогаш пак ќе можеме да одиме во училиште. Можеби тоа е крај за нас“, кажа тој.

Семејствата повикуваат на побрза и посериозна акција за спасување на децата, предупредувајќи дека секој изминат ден ја зголемува неизвесноста и болката што ја трпат.

Зачлени се на нашиот е-билтен