Истражувачи од Универзитетот KU Leuven во Белгија објавија значајно научно откритие кое би можело да го промени пристапот кон третманот на вирусот ХИВ.
Во студијата објавена во списанието Nature Communications, тие претставија нов метод кој овозможува трајна деактивација на вирусот во заразените клетки, со што се спречува неговата репликација и понатамошно пренесување.
За разлика од досегашните терапии, кои бараат пациентите да примаат лекови доживотно, новиот пристап има сосема поинаква цел. Научниците открија начин вирусот да остане „успаван“ во телото – без можност повторно да се активира и да се шири.
Да потсетиме, секоја година во светот од инфекции поврзани со ХИВ умираат околу 600.000 лица.
„Ова е голем и важен чекор напред, но ќе бидат потребни уште неколку години тестирање за да се потврди безбедноста и ефикасноста на методот кај луѓе,“ изјави професорот Зегер Дебисер од Медицинскиот факултет при KU Leuven, кој го води истражувачкиот тим.
Планирано е во текот на следната година да се спроведат токсиколошки испитувања, по што ќе следат клинички студии најпрво со здрави волонтери, а потоа и со пациенти.
Се проценува дека целиот процес ќе трае најмалку пет години.
Според податоците на Светската здравствена организација, денес речиси 40 милиони луѓе ширум светот живеат со ХИВ, додека над 600.000 починале минатата година од болести поврзани со вирусот. Во Белгија моментално живеат околу 18.000 луѓе со ХИВ.
Ова научно достигнување дава надеж дека еден ден луѓето заразени со ХИВ ќе можат да живеат без потреба од секојдневна терапија.