Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Најголем протест од падот на комунизмот во 1989 година: Половина милион Полјаци излегоа на улица

Половина милион Полјаци денеска излегоа на улиците на Варшава за да протестираат против популистичката националистичка влада, неколку месеци пред есенските парламентарни избори, објавија организаторите. Се чини дека собирот е најголемиот во оваа земја од падот на комунизмот во 1989 година, јави француската новинска агенција АФП, а британската агенција Ројтерс процени дека поворката во Варшава е долга најмалку 1,5 километар.

Доаѓајќи од цела Полска, демонстрантите облечени во бело-црвената боја на земјата и боите на Европската унија, одговорија на повикот на лидерот на главната центристичка опозициска партија Граѓанска платформа, поранешен лидер на Европскиот совет и поранешен премиер Доналд Туск, со цел да протестираат против „високите животни трошоци, измамите и лагите, во корист на демократијата, слободните избори и ЕУ“.

Некои држеа маски со ликот на лидерот на владејачката партија Јарослав Качински на кои беше испишан зборот „срам“. Лидерите на повеќето опозициски партии ги охрабрија своите поддржувачи да се приклучат на големиот марш против популистичката националистичка владејачка партија Право и правда (ПиС), нејзиниот лидер Јарослав Качински и неговите сојузници, објавија локалните медиуми.

„Доста е!“, „Не сакаме авторитарна Полска“, „Европо, се извинуваме за ПиС“ и „ПиС во писоар“, се некои од пораките напишани на транспарентите насочени против мнозинството кое е на власт во Полска речиси осум години, приближувајќи се кон претстојните парламентарни избори закажани за наесен.

Со бели и црвени срца залепени на градите, претставниците на платформата го водеа маршот придружуван од легендарниот водач на првиот слободен синдикат во комунистичкиот свет во 80-тите, Лех Валенса, добитник на Нобеловата награда за мир во 1983 година.

Во кусиот говор, Туск истакна дека мисијата на опозицијата е „споредлива по важност“ со онаа од 80-тите години и борбата против комунизмот во тоа време.

Тука сме денес за цела Полска, цела Европа, целиот свет да види колку сме силни, колку сме подготвени да се бориме за слобода и демократија, како пред 30 и 40 години, порача Туск.

Бидејќи долго отсуствуваше од политичката сцена, Валенса рече дека „трпеливо“ го чекал денот кога националистичката партија и нејзиниот лидер Качински ќе треба да си заминат.

Господине Качински, дојдовме по вас. Дојде тој ден, изјави Валенса.

Датумот на протестот, кој опозицијата го гледа како пресуден момент во својот марш до евентуална изборна победа, е 34-годишнината од првите делумно слободни избори во Полска, кои го забрзаа падот на комунизмот во Европа. Протести беа организирани и во други полски градови.

Тука сум затоа што слободата е важна, затоа што секој треба да се чувствува безбедно, ова е протест на слободните луѓе, верувам дека промените веќе се случуваат, изјави во Варшава учесничката во протестите Ева Јоакимович.

И покрај масовните критики за партијата ПиС дома и во странство, која беше обвинета за нарушување на владеењето на правото, претворање на државните медиуми во владини гласноговорници и поддржувањето на хомофобијата, анкетите покажуваат дека изборните резултати ќе бидат тесни.

Војната на Русија во соседна Украина ја зајакна владата на Правото и правдата (ПиС), која се појави како водечки глас против Кремљ во Европа. Владата на премиерот Матеуш Моравјецки негира дека ги поткопува демократските норми и вели дека има за цел да ги заштити традиционалните христијански вредности од либералните притисоци на Западот и да ја направи економијата поправедна.

Г. Т.

Треба да знаете
Moже да ве интересира