Најмалку десет лица загинаа, а шестмина се водат како исчезнати во разорните поплави и свлечишта предизвикани од обилните монсунски дождови на индонезискиот остров Суматра, соопшти локалната полиција.
Спасувачките екипи со големи напори се обидуваат да стигнат до погодените подрачја во шест региони на провинцијата Северна Суматра. Непрестајните дождови од минатата недела предизвикаа излевање на реките, кои продираа низ ридските села, носејќи кал, камења и соборени дрвја и оставајќи зад себе пустош, јавува АП повикувајќи се на соопштението на Националната полиција.
Во најтешко погодениот град Сиболга, досега се пронајдени најмалку пет тела и три повредени лица, а потрагата продолжува по уште четворица исчезнати селани.
Во соседниот округ Централен Тапанули, свлечиштата погодиле неколку домови, при што загинала четиричлена семејна, а поплавите потопиле речиси 2.000 куќи и објекти.
Во округот Јужен Тапанули, поплавите и свлечиштата собориле дрвја кои усмртиле еден жител, а надојдените води срушиле мост и поплавиле 470 домови. Главниот пат на островот Ниас е блокиран со кал и камења, се наведува во соопштението.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како водата се слева од покривите, додека жителите во паника бараат засолниште. Во одделни подрачја, надојдените води преплавија улици носејќи дрвја и големи количини отпад.
Шефот на полицијата во Сиболга, Еди Инганта, соопшти дека се поставени привремени засолништа и дека жителите од високоризичните зони се повикани итно да се евакуираат. Тој предупреди дека продолжените врнежи може да предизвикаат нови свлечишта.
„Лошото време и свлечиштата ја отежнуваат спасувачката операција“, изјави Инганта, додавајќи дека пристапот до дел од погодените локации и понатаму е ограничен бидејќи екипите се борат со исклучително тешки услови.

