Најмалку 13 ирански верници починале за време на годинашниот аџилак во Саудиска Арабија, каде што последниве денови температурите нагло се зголемија, јавија иранските медиуми.
„Заклучно со 6 јуни, вкупниот број на ирански аџии кои починале за време на аџилакот во 2025 година изнесува 13“, соопшти Одделението за здравствени и медицински операции на иранскиот Црвен полумесец.
Не се наведени причините за смртта, но се посочува дека „последниве денови температурите во светите градови во Саудиска Арабија достигнаа и до 47 степени Целзиусови, што може да предизвика сериозен топлотен удар кај верниците“.
Годинава 86.700 Иранци го извршија големото аџилак-поклонение во Мека и околината, кое штотуку заврши.
Во 2024 година, над 1.300 верници – меѓу кои и 22 Иранци – починале за време на аџилакот, кога температурите надминале 50 степени Целзиусови.
Климатските промени, според научниците, ја зголемуваат зачестеноста и интензитетот на топлотните бранови. Минатогодишните смртни случаи ја истакнаа ранливоста на верниците во услови на екстремна топлина.
Според Европската служба за климатски промени „Коперникус“, 2024 година беше најтоплата година досега забележана.