Бројот на загинати по уривањето на покривот на ноќниот клуб „Џес Сет“ во Санто Доминго, главниот град на Доминиканската Република, достигна најмалку 218 лица, според најновите информации од спасувачките екипи.
Директорот на Центарот за итни операции, Хуан Мануел Мендез, потврди дека 189 лица се извлечени живи од урнатините, додека се претпоставува дека во клубот во моментот на несреќата имало повеќе од 1.000 присутни.
Причините за катастрофалното уривање сè уште не се познати, а властите спроведуваат истрага. Сведоците ја опишуваат сцената како апокалиптична – со паника, вресоци и хаос што траеле со часови.
Трагедијата ја потресе целата земја. Меѓу загинатите се и познати личности, вклучувајќи го пејачот Руби Перез – симбол на доминиканската музика, и бејзбол ѕвездите Октавио Дотел и Тони Енрике Бланко Кабрера. Животот го загубила и Нелси Круз, гувернерка на провинцијата Монтекристи.
Доминиканската јавност е во шок, а се очекува бројката на жртви дополнително да расте.