Најмалку 57 лица денеска останаа затрупани под земја во хаварија во рудник за јаглен во кинеската провинција Внатрешна Монголија, јави државната телевизија ЦЦТВ.
„Најмалку 57 лица се водат за исчезнати“, јави телевизијата, а „на местото на несреќата пристигнале повеќе од 200 спасувачи“.
Државната агенција Ксинхуа претходно објави дека околу педесетина рудари останале заробени под земја во уривањето на отворениот коп од рудникот за јаглен во Алкса Лига, на запад од провинцијата.
Локалните медиуми јавуваат за две загинати лица.
„Во 17.13 часот (10.13 часот по средноевропско време) од рудникот беа извлечени тројца рудари, од кои двајца не даваа знаци на живот“, пренесоа медиумите.
Во последните децении подобрена е безбедноста во рудниците во Кина, како и известувањето за несреќи, кои претходно беа чувани во тајност. Но, несреќи, за жал, има редовно поради самата природа на работата и поради непочитување на безбедносните прописи.