Најмалку четворица и дете од една година загинаа во руските напади врз Киев

Најмалку четири лица и дете од една година загинаа во нападите на Русија со беспилотни летала и балистички ракети „Калибар“ врз Киев во текот на ноќта, додека масовни воздушни удари беа пријавени и во други региони на Украина, соопштија украинските власти.

„Потврдено е дека четири лица загинале во главниот град“, објави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на „Телеграм“, додавајќи дека потрагата по преживеани под урнатините сè уште трае. Претходно соопшти дека има еден загинат и 20 повредени, од кои 16 се хоспитализирани.

Итните служби информираа дека нападот бил изведен со дронови и балистички ракети, при што биле погодени повеќе делови на градот, а на неколку локации избија пожари.

Граѓанските и воените власти соопштија дека метрото во Киев не работи, откако една бомба погодила воз меѓу две станици. Националната железничка компанија исто така пријави штети на пругите, што предизвика нарушување на сообраќајот кон јужните делови на градот.

Покрај главниот град, и други региони беа погодени од воздушни напади.

Во западниот град Луцк, близу полската граница, при „масовна ракетна и дронска офанзива“ делумно е уништена станбена зграда, а пет лица се повредени, соопшти шефот на локалната воена администрација, Иван Рудницки.

Во Тернополската област, исто така на западот на земјата, регистрирана е „најмасовната воздушна офанзива од почетокот на војната“, со „повеќе удари“, изјави шефот на тамошната воена администрација, Вјачеслав Негода.

Во Русија, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека украински дронови ја нападнале руската престолнина во текот на ноќта. Според него, биле соборени десет беспилотни летала, а три аеродроми привремено беа затворени, информира руската агенција за воздушен сообраќај.

Овие напади следат откако претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го предупредил во телефонски разговор дека ќе возврати за украинскиот напад врз руски бомбардери пред неколку дена. 

Зачлени се на нашиот е-билтен