Најмалку седум лица загинаа при пад на мал авион во централниот дел на Мексико, кој се урнал за време на обид за принудно слетување, соопштија локалните власти.
Несреќата се случила во местото Сан Матео Атенко, во индустриска зона оддалечена околу пет километри од аеродромот Толука и приближно 50 километри западно од Мексико Сити. Авионот полетал од Акапулко, на пацифичкиот брег на земјата.
Координаторот за цивилна заштита на сојузната држава Мексико, Адријан Ернандез, изјави дека во леталото имало осум патници и двајца членови на екипажот, но неколку часа по несреќата биле пронајдени телата на седум лица.
Според првичните информации, авионот се обидел да слета на блиско фудбалско игралиште, но удрил во метален покрив на објект во близина, по што избувнал голем пожар.
Поради пожарот, од околината биле евакуирани околу 130 лица, изјави градоначалничката на Сан Матео Атенко, Ана Муњиз. Причините за несреќата сè уште се истражуваат.