Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Најмалку тројца загинати откако автобус паднал во езеро во Норвешка

Фото: X/ScandinaviaWind

Најмалку три лица загинаа во автобуска несреќа во Норвешка, соопшти полицијата. Несреќата се случила околу 13:30 часот по локално време во областа Хадсел на северозападниот брег на земјата.

Автобусот излетал од патот и делумно завршил во езерото Асватнет, соопштија властите во соопштението за медиумите.

Се претпоставува дека во моментот на несреќата во автобусот имало 58 лица – од кои, според полицијата, многумина се странски државјани.

Покрај жртвите, полицијата соопшти дека четири лица се тешко повредени.

Три лица се пренесени во болницата Стокмаркнес со спасувачки хеликоптер, додека другите патници се пренесени во блиското училиште. Сега сите се отстранети од возилото, јавуваат локалните медиуми.

Норвешкиот Црвен крст на социјалните мрежи соопшти дека испраќа тимови да помогнат во „сериозната автобуска несреќа“ на патот Е10.

На местото на настанот работат и пожарникари, Брза помош и полициски екипи.

Има извештаи за обилни снежни наноси и силен ветер во областа, што ги отежнало спасувачките напори. Јавната телевизија НРК објави дека автобусот патувал од градот Нарвик до архипелагот Лофотен.

Градоначалникот на блискиот округ Ваган, Видар Том Бенјаминсен, рече дека е формиран „кризен тим“ и дека е доделен локален хотел за членовите на семејството и како прифатен центар.

Премиерот Јонас Гар Сторе рече дека несреќата е „многу сериозна ситуација“ и дека неговите мисли се со сите погодени.

Зачлени се на нашиот е-билтен