Најновиот скандал во Унгарија може да биде пресвртна точка за власта на Орбан

Покрај бројните обвинувања за злоупотреба на власта, унгарската влада на премиерот Виктор Орбан е потресена и од сериозен скандал поврзан со системско злоставување деца во државни домови. Како дополнителен проблем, критичарите наведуваат дека надлежните институции со години се обидувале да ги прикријат вистинските размери на овој проблем, пренесува „Дојче веле“.

По обелоденувањето на податоците за злоставување во државните установи за деца и млади, во саботата во Будимпешта повеќе од 50.000 луѓе побараа оставка од премиерот Орбан. Протестот беше организиран од опозицискиот лидер Петер Маѓар, претседател на партијата Тиса, која според анкетите води пред парламентарните избори закажани за пролет. Демонстрантите извикуваа слогани како „Орбан, оди си!“, а Маѓар ја предводеше поворката носејќи транспарент со натпис „Да ги заштитиме децата“.

„Во нормални околности, по ваков скандал владата би паднала“, изјави за АФП 16-годишниот демонстрант Давид Козак. „За нив проблемот не е злоставувањето, туку тоа што случаите излегоа на виделина“, додаде тој, алудирајќи на владејачките структури.

Злоставувано секое петто дете под државна грижа

Орбан тврди дека заштитата на децата е еден од клучните приоритети на неговата политика уште од враќањето на власт во 2010 година. Сепак, во последните години неговата влада е следена од серија скандали поврзани со злоупотреби и насилство врз малолетници во системот на државна грижа.

Извештај на унгарската влада од 2021 година, кој партијата Тиса го објави во петокот, укажува на широко распространето злоставување во детските домови. Во документот се наведуваат околу 3.000 сомнителни случаи, што претставува повеќе од една петтина од сите малолетници згрижени од државата. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека извештајот во 2022 година бил доставен до надлежните институции „со цел да им се помогне во нивната работа“.

Според податоците, повеќе од 320 деца биле жртви на сексуално насилство, а 77 биле физички злоставувани. Вработени во установите предупредувале дека полицијата и обвинителството често ги запирале истрагите без поднесување обвиненија, најчесто со образложение за „недостаток на докази“.

Последна капка што ја прелева чашата?

Дополнителен гнев во јавноста предизвика и неодамна откриен случај на насилство во малолетнички затвор во Будимпешта. На снимка од надзорна камера се гледа како директорот на установата удира дете со нога во глава. Четворица вработени беа приведени на почетокот на неделата, а владата ги стави сите вакви институции под полициски надзор.

Претходно беа уапсени уште тројца вработени, меѓу кои и поранешен директор осомничен за организирање ланец на проституција. Најновите откритија многумина во Унгарија ги доживуваат како пресвртна точка што може да има сериозни политички последици во пресрет на клучните избори следната година.

Зачлени се на нашиот е-билтен