Кога сушата ја погоди фармата на Хендрик Јан тен Кејт во 2018 година, намалувајќи го приносот на кромид на само 10% од вообичаеното, тој помина денови макотрпно црпејќи вода од каналите и наводнувајќи ги посевите. Еден ден, преоптоварен и загрижен како да го извлече максимумот од ситуацијата, паднал во канал и си ја скршил раката.
Оваа година, додека растенијата веќе никнуваат, но со сериозен недостиг од дожд што би ги нахранил младите култури, холандскиот земјоделец повторно со загриженост ја следи временската прогноза. „Ова е критичен период – ни треба дожд секоја недела“, вели Тен Кејт, кој на својата фарма од 100 хектари одгледува компири, кромид, житарки, моркови и шеќерна репка.
Кратко олеснување за време на викендот
Земјоделците низ северозападна Европа со нетрпение очекуваат врнежи, додека традиционално дождливите земји како Обединетото Кралство, Белгија, Холандија и Германија се соочуваат со, потенцијално, најсушната пролет во последниве сто години. Иако за викендот се предвидува кратко олеснување, тоа најверојатно нема да биде доволно за трајно решение.
„Ние, земјоделците, сме отпорни, но сушните периоди секогаш носат стрес“, вели Свен Борхерт, кој управува со фарма од 1.700 хектари со житарки и зеленчук во Саксонија-Анхалт и е потпретседател на регионалното здружение на земјоделци.
Борхерт објаснува дека неговата фарма, лоцирана во заветрина зад германските планини Харц, има почва што добро ја задржува влагата, но оваа година примила половина од просечните врнежи. Тој смета дека може да издржи уште еден месец без сериозни проблеми, но изразува загриженост дека јуниските врнежи би можеле да доцнат за многу други фарми.
„Постојат прашања што ве држат буден ноќе – како, на пример, како ќе го вратите кредитот кон банката“, додава Борхерт.
Според анализата на осигурителната компанија Howden, екстремните временски услови Европската Унија ја чинат околу 28,3 милијарди евра годишно во изгубени земјоделски култури и добиток – приближно 6% од вкупното производство на храна. Повеќе од половината од овие загуби се резултат на суша.
Зголемени климатски ризици
Анализа на Европската инвестициска банка (ЕИБ), нарачана од Европската комисија како дел од обидот за справување со незадоволството кај земјоделците минатата година, покажува дека само 20–30% од овие загуби биле осигурени.
„Климатските ризици се сè поголем извор на неизвесност во однос на производството на храна. Намалувањето на овие ризици преку осигурување и механизми за ублажување е од клучно значење за поддршка на инвестициите на европските земјоделци“, вели Џелсомина Виљоти, потпретседателка на ЕИБ.
Медитеранот се суши, северот не е имун
Се очекува дека загадувањето од фосилни горива ќе ги влоши условите на суша, особено во Медитеранот, кој се суши со зголемено темпо, додека другите делови на Европа покажуваат мешани трендови.
Иако северна Европа понекогаш бележи и одредени поволности, комбинацијата од екстремна топлина и суша, според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), најверојатно ќе доведе до значителни загуби во земјоделското производство низ Европа до крајот на векот.
Тен Кејт, кој е член на управниот одбор на земјоделското здружение на југот на Холандија, потврдува дека земјоделците веќе се сведоци на сè поекстремни климатски услови. „Врнежите се поретки но пообилни, сушите подолги, а температурите повисоки – растенијата се под постојан стрес“, вели тој.
Приспособување кон новата реалност
Земјоделците бараат начини да се прилагодат, како што се збогатување на почвата со органска материја, избор на сорти отпорни на суша, собирање дождовница, прецизно земјоделство и системи за наводнување капка по капка.
По искуството од 2018 година, земјоделците од регионот вложиле средства во механички системи за црпење вода од каналите и нејзина дистрибуција на полињата.
Дождот е единствена надеж
На краток рок, сепак, единствената надеж останува дождот. До крајот на април, речиси една третина од континентот беше под портокалово предупредување за суша, а 0,7% под црвено, според Европската опсерваторија за суша.
Петер Бојзен, органски земјоделец во Шлезвиг-Холштајн, вели дека тревата на неговата фарма не е целосно исушена, но речиси не расте. Според неговите проценки, има храна за добитокот само за неколку недели.
„Тешко е да се предвидат економските последици. Ако наскоро паднат врнежи, загубите ќе бидат околу 20 до 30%. Ако не врне – тогаш ситуацијата ќе биде многу полоша“, предупредува Бојзен.