Напнатост меѓу САД и Венецуела, на повидок воен судир

Односите меѓу САД и Венецуела влегуваат во опасна ескалација по новите меѓусебни закани. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската војска ќе соборува венецуелски авиони доколку повторно се приближат до американските бродови во Карибите. Истовремено, Вашингтон најави можни воздушни удари врз цели во Венецуела.

Претседателот Николас Мадуро возврати со порака дека секоја американска агресија ќе предизвика „организирана вооружена борба на целиот народ“. Тој најави и почеток на воена обука на цивилното население како дел од националната одбрана.

Напнатоста ескалираше по акцијата на американската морнарица во која беше потопен брод за кој Вашингтон тврди дека превезувал дрога од Венецуела. Во операцијата беа убиени 11 лица. Американскиот државен секретар Марко Рубио порача дека тоа е „само почеток“ и дека вакви удари ќе продолжат.

Во регионот веќе се распоредени американски разурнувачи вооружени со ракети „Томахавк“, подморница и повеќе од 4.000 војници, меѓу кои над 2.000 маринци. Дополнително, во базата во Порторико се стационирани десет најсовремени авиони Ф-35.

Мадуро, кој ја обвинува Америка за обид за „насилна промена на режимот“, тврди дека САД користат лажни изговори како во случајот со Ирак. Иако најави подготвеност за дијалог, предупреди дека Венецуела е решена да го брани својот суверенитет.

Експертите предупредуваат дека комбинацијата од американските воени удари, новите сили во регионот и венецуелските воздушни провокации би можела да ја доведе ситуацијата на самиот раб на војна.

Зачлени се на нашиот е-билтен