Враќањето на телата на заложниците во Израел е национална трагедија и „нашите срца се скршени“, изјави израелскиот претседател Исак Херцог во четвртокот, додека Израел ги презема посмртните останки на двете момчиња и нивната мајка, симболи на трагедијата од 7 октомври 2023.
„Агонија. Страдање. Нема зборови“, напиша Херцог на X: „Нашите срца, срцата на цела нација, се скршени. Во име на Државата Израел, наведнувам глава и молам за прошка. За прошка што не ве заштитив тогаш, за прошка што не ве вратив живи дома“, објави израелскиот претседател.
Хамас во четвртокот ги предаде телата на израелското бебе кое беше киднапирано кога имаше девет месеци и неговиот четиригодишен брат Ариел, двајца најмлади заложници на Хамас, киднапирани во нападот од 7 октомври 2023 година и најсилни симболи на траумата нанесена тој ден.
Возила на Црвениот Крст ги презедоа во Појасот Газе четирите црни сандаци со фотографии меѓу кои е и телото на четвртиот заложник Одед Лифшиц.
Тие беа предадени согласно договорот за прекин на огнот во Газа, постигнат минатиот месец со поддршка на Соединетите Американски Држави и посредништво на Катар и Египет.
Израелската армија потоа изјави дека ги презела сандаците со четирите тела. IDF ќе ги пренесе во форензичкиот институт „Абу Кабир“ во Јафо за формална идентификација.
„Претставниците на IDF ги придружуваат нивните семејства во овој тежок момент“, стои во соопштението.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во кратко видео соопштение порача дека четвртокот ќе биде „многу тежок ден за државата Израел, вознемирувачки ден, ден на тага“.