НАТО разгледува поагресивен одговор на Русија: „Можен е и превентивен удар“

НАТО би можел да го заостри својот одговор кон Русија поради серијата кибернапади, саботажи и инциденти со нарушување на воздушниот простор, изјави претседателот на Воениот комитет на Алијансата, адмирал Џузепе Каво Драгоне. Во интервју за Financial Times, тој потврди дека Алијансата активно оценува дали треба да премине од досегашниот реактивен модел кон поофанзивен пристап во спротивставувањето на хибридните закани.

„Ги разгледуваме сите опции. Во кибер-просторот досега најчесто реагираме. Прашањето е дали треба да бидеме поагресивни и проактивни наместо само да одговараме“, рече Драgone.

Во Европа во последните години се регистрирани повеќе инциденти што се поврзуваат со руски активности – од пресечени подморски кабли во Балтичкото Море, до координирани кибернапади на различни државни и приватни системи низ континентот. Иако некои случаи директно се поврзуваат со Москва, во други потеклото не е официјално утврдено.

Поради тоа земјите од источниот дел на Алијансата сè почесто бараат НАТО да престане да реагира дури по нападот и да воведе мерки на одвраќање што би вклучувале и претходно дејствување. Најизводливо би било тоа во сферата на кибер-просторот, каде што повеќето членки веќе располагаат со офанзивни капацитети. Значително покомплексно би било доколку станува збор за физички саботажи или дрон-упади.

Адмиралот даде пример дека одредени форми на „превентивен удар“ би можеле да се класифицираат како одбранбено дејство, но нагласи дека тоа би било сериозно отстапување од сегашниот систем на работа. „Правниот и јурисдикцискиот рамковен контекст е клучен – како, кога и кој би го спровел тоа?“ додаде тој.

Како пример за успешна мерка на одвраќање, Драгоне ја истакна мисијата Baltic Sentry, во рамки на која бродови, авиони и морски дронови на НАТО патролираат во Балтичкото Море. Според него, ова присуство ја спречило повторната појава на инциденти со оштетени подморски кабли што беа регистрирани во 2023 и 2024 година и за кои се сомневаше дека стојат бродови поврзани со руската таканаречена сенковита флота.

„Откако започна Baltic Sentry, немаме ниту еден нов случај. Тоа значи дека одвраќањето работи“, истакна адмиралот.

Зачлени се на нашиот е-билтен