Велика Британија и Германија денеска ќе претседаваат со виртуелен состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, со цел да се разгледа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за забрзана испорака на оружје преку НАТО до Украина, пишува Асошиејтед Прес.
Состанокот ќе го водат британскиот министер за одбрана Џон Хили и неговиот германски колега Борис Писториус. На средбата ќе учествуваат и американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, како и врховниот командант на НАТО за Европа, генерал Алексус Гринкевич.
Состанокот се одржува во време кога Русија интензивира напади врз украинските градови. Само во саботата, според украински извори, Москва извела околу 300 напади со дронови. Американскиот претседател Трамп минатата недела најави дека испораките на оружје за Украина ќе започнат „во рок од неколку дена“, но засега нема официјална потврда дека тие испораки се реализирани.
Планот на Трамп предвидува европските сојузници да испратат американско оружје. Посебен акцент се става на напредните системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во четвртокот најави дека Германија ќе финансира два нови „Патриот“ системи за Украина и разгледува можност да испрати дел од сопствените системи, кои подоцна би биле надоместени од страна на САД. Тој предупреди дека испораката може да потрае неколку недели поради логистичките предизвици.
Дополнително, швајцарското Министерство за одбрана информираше дека добило известување од Пентагон дека ќе се одложи испораката на пет „Патриот“ системи за Швајцарија, за да се пренасочат кон Украина.
Во меѓувреме, НАТО продолжува да координира и друга воена помош, вклучително и артилериски гранати и муниција, делумно од американски залихи кои претходно беа замрзнати.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во саботата дека украинските власти предложиле нова рунда мировни преговори. Според руските државни медиуми, преговорите би можеле повторно да се одржат во Истанбул, но датум сѐ уште не е одреден. Портпаролот на Кремљ повтори дека Русија е отворена за преговори, но дека не отстапува од своите стратешки цели.