Со почетокот на новата учебна година и враќањето на учениците во клупите, повеќе земји-членки на Европската Унија се соочуваат со сериозен недостиг на наставници.
Франција, Португалија и Белгија веќе ги објавија првичните податоци за 2025/2026 година, кои покажуваат алармантна состојба.
Во Франција, повеќе од половина од јавните училишта имаат недостиг од барем еден наставник, а три четвртини од средните училишта немаат целосен кадар, според Синдикатот на наставници SNES-FSU. Министерството за образование потврди дека недостигаат околу 2.500 наставници, иако синдикатите тврдат дека бројката е уште поголема. Најпогодени се предметите француски, математика и шпански јазик.
Ситуацијата е слична и во Португалија, каде повеќе од 3.000 паралелки немаат комплетни наставни кадри, особено по англиски, португалски и географија. Над 4.000 ученици може да ја започнат учебната година без наставник, при што главниот град Лисабон е најпогоден. Министерот за образование, Фернандо Александар, изјави дека бројките на синдикатите се претерани и дека „во 98% до 99% од училиштата наставниците се распределени“.
Во Белгија, пак, недостигот е најизразен во франкофонските средни училишта, каде недостигаат и до една четвртина од потребните наставници. Во Брисел состојбата е уште полоша отколку во другите региони, а некои училишта се принудени да преминат на четиридневна работна недела.
Проблемот со недостиг на наставници не е ограничен само на овие земји. Според УНЕСКО, повеќе од 90% од ваквиот недостиг во Европа и Северна Америка се должи на тоа што наставниците ја напуштаат професијата.
Последиците се големи – зголемен работен товар за наставниците, намалено време за учениците во училница и ризик за пад на квалитетот на образованието. Тоа, пак, може да создаде маѓепсан круг на нееднаквости и сè помал интерес кај младите генерации да станат наставници.