Неонацисти осудени за планирање терористички напади во Англија

Тројца неонацистички екстремисти, кои собрале арсенал од над 200 парчиња оружје и дискутирале за напади врз џамии и синагоги низ Англија, се осудени за заговор за извршување терористички акти.

Во рамките на истрагата е запленето и полуавтоматско огнено оружје произведено со 3Д печатач, речиси подготвено за употреба. Нападот бил спречен благодарение на полициски инспектор кој, користејќи лажен идентитет, се инфилтрирал во групата, објави The Guardian.

Осудените се Кристофер Рингроуз (34) од Кано, Марко Пицето (25) од Дерби и Броган Стјуарт (25) од Западен Јоркшир. Тие ја формирале таканаречената виртуелна ќелија, без некогаш да се сретнат лично.

Во својата комуникација, тројцата изразувале восхит кон Адолф Хитлер, ширеле антиимигрантска реторика, споделувале содржини од екстремно десничарскиот активист Томи Робинсон и разговарале за напади врз прифатни центри за мигранти.

Поротата во Шефилдскиот Краун суд ги прогласи за виновни за повеќе кривични дела поврзани со тероризам и поседување оружје. Судијата ги предупреди дека ги очекуваат долги затворски казни.

Меѓу оружјето што го поседувале имало деактивирани пиштоли кои се обидувале да ги оспособат за употреба, самострели, ловечки ножеви и томахавк. Пиштолот произведен со 3Д печатач бил изработен според инструкции преземени од интернет, при што недостасувале само игла, штраф и цевка за да стане функционално оружје.

Тие го идентификувале исламскиот центар во Лидс како потенцијална цел, планирале киднапирање и мачење на имамот, развиле рута за бегство и дискутирале начини за избегнување на полициско откривање.

Стјуарт се самопрогласил за „фирер“ на групата и воспоставил правила според кои членовите морале да носат нацистички униформи. Групата ја нарекол „Ајнзатц 14“, повикувајќи се на злогласните нацистички одреди за егзекуција, а Пицето и Рингроуз ги назначил за одговорни за оружјето.

Тројцата верувале во расна војна и отворено критикувале други екстремно десничарски групи за нивната пасивност. Стјуарт користел апликацијата Telegram за комуникација, при што напишал: „Сакам да ја соберам мојата група бидејќи делата зборуваат погласно од зборовите.“

Меѓу пораките што ги испраќал, имало и повици за насилство: „Би сакал да тепам педери“ и „Сакам да упаднам во владини згради и да обесам политичари. Владата е полна со Евреи и други непријатели.“

Тие биле уапсени на 20 февруари 2024 година, по инфилтрација на полицаец со кодно име „Црно срце“. Целите на нападите што ги разгледувале вклучувале џамии, исламски образовни центри и синагоги.

Идеолошка инспирација од СС

Рингроуз, кој работел како менаџер во компанија за автоделови, објавил фотографија од својот едногодишен син со маска со череп и натпис „Избери насилство“. Пицето, кој бил механичар, споделил видео од масакрот во џамијата во Крајстчрч, Нов Зеланд.

Стјуарт, кој никогаш не бил вработен и живеел со мајка си, го претставил планот за напад во групен телефонски повик на 5 февруари, две недели пред апсењето. Планот вклучувал „крстарење“ во близина на исламски образовен центар во потрага по „човечки цели“, по што членовите на групата би се враќале „на чај, медали и брифинг“.

„Сакам членовите да се зближат и да го зајакнат своето братство“, рекол тој. Средбата била откажана поради лоши временски услови.

Обвинителот Џонатан Сандифорд К.Ц, отворајќи го судењето, изјави: „Обвинетите идентификуваа конкретни цели, а непосредната закана по јавната безбедност беше клучна за нивното апсење.“

Судот посочи дека Стјуарт отворено изразувал восхит кон СС, велејќи: „Најдов инспирација во СС. Се надевам дека ќе можеме да ги уценуваме политичките противници и да организираме акции за справување со мигрантите што пристигнуваат на нашите брегови.“

„Реална и сериозна закана“

Детективот Џејмс Данкерли, началник на единицата за борба против тероризмот во Северна Англија, изјави: „Ова беше група што промовираше одвратни расистички ставови и повикуваше на насилство во служба на нивната екстремна идеологија. Тројцата презедоа конкретни чекори за подготовка и реализација на напад.“

Бетан Дејвид, шеф на Одделот за борба против тероризмот при Обвинителството, додаде: „Овие екстремисти имаа намера да извршат сериозни терористички акти врз верски објекти и образовни установи. Ако Рингроуз успееше да го доврши своето 3Д-печатено огнено оружје, последиците можеа да бидат катастрофални.“

Казната за осудените ќе биде изречена на 17 јули.

Зачлени се на нашиот е-билтен