Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој до неодамна беше жител на Елисејската палата, наредните пет години ќе ги помине во ќелија од девет квадратни метри во прочуениот париски затвор Ла Санте.

Затворот, сместен во историска зграда од 19 век во населбата Монмартр, е еден од трите најголеми во Париз и има капацитет за околу 2.000 затвореници. Саркози е сместен во таканаречениот „ВИП“ дел — посебен оддел за личности кои мора да бидат изолирани од останатите затвореници. Преку овој дел низ годините поминале револуционери од Алжир, диктатори од Африка и Јужна Америка, терористи и други високопрофилни осуденици.
Иако во овој сектор постојат и двокреветни соби, Саркози ќе биде сам во еднокреветна ќелија. Во неа има метален кревет, мал сто, фрижидер, телевизор, умивалник и одвоен санитарен простор со тоалет и туш. Освен тоа, ќе добие две ќебиња, пешкир и основни средства за хигиена.

Според податоците на „Си-Ен-Ен“, Саркози ќе поминува од 22 до 23 часа дневно во својата ќелија, со право на две прошетки и неколку семејни посети неделно. Неговиот близок пријател и поранешен затвореник во Ла Санте, Пјер Ботон, изјавил дека секој што влегол таму никогаш не го заборава звукот на затворањето на бравата — звук што го означува крајот на слободата.
Ботон додал дека според правилата, чуварите ја проверуваат состојбата на затворениците на секои два часа во текот на првата ноќ, палејќи светло во ќелијата и барајќи од нив да подигнат рака како доказ дека се живи.

Саркози е осуден на петгодишна затворска казна поради вмешаност во заговор за незаконско финансирање на изборната кампања со пари од либискиот диктатор Моамер Гадафи. Тој го напуштил својот дом во Париз држејќи ја за рака сопругата Карла Бруни, пред да биде спроведен во Ла Санте — местото што отсега ќе биде негов дом.
Извор: N1info.rs