Нов извештај на организацијата Светска лабораторија за нееднаквост открива драматични податоци: помалку од 60.000 мултимилионери, што претставува само 0,001 проценти од светското население, денес контролираат трипати поголемо богатство од долната половина на човештвото.
Во документот се предупредува дека глобалната нееднаквост е „екстремна и постојана“, се манифестира во повеќе области и веќе ги преобликува демократските процеси, разорувајќи политички коалиции и поткопувајќи го општествениот консензус.
Извештајот за светската нееднаквост за 2026 година, изработен врз основа на податоци собрани од 200 истражувачи, покажува дека најбогатите десет проценти заработуваат повеќе од останатите 90 проценти заедно, додека сиромашната половина од светската популација располага со помалку од десет проценти од глобалниот приход.
Концентрацијата на богатството е уште поизразена: најбогатите 10 проценти поседуваат 75 проценти од вкупното светско богатство, а долната половина, само два проценти. При тоа, нееднаквоста во богатството продолжува да се зголемува со забрзано темпо ширум светот.
Во извештајот се наведува дека нееднаквоста одамна е обележје на глобалната економија, но дека оваа година достигнала ниво што бара итна реакција. „Бенефитите од глобализацијата и економскиот раст несразмерно се насочија кон малцинството, додека голем дел од светската популација се соочува со тешкотии да обезбеди стабилни средства за живот. Овие поделби не се неминовни, тие се резултат на политички и институционални избори,“ се наведува во анализата.
Документот укажува и на повеќедимензионалноста на проблемот: родова нееднаквост, различно ниво на инвестиции во образование, нееднаква одговорност за климатските последици, асиметрии во глобалниот финансиски систем и територијални разлики кои ги преобликуваат демократските структури.
Авторите посочуваат дека нееднаквоста е политичка одлука, производ на политики, институции и владини системи, а нејзината цена ја плаќаат токму оние кои се најмалку одговорни: најранливите групи, земјите во развој и најсиромашните заедници.
Според извештајот, нееднаквоста се намалува таму каде што постојат силни механизми за распределба на приходите, фер оданочување и приоритетно финансирање на социјалните инвестиции. Изборите што владите ќе ги направат во следните неколку години, како што се нагласува, ќе бидат пресудни, дали светската економија ќе продолжи по патот на екстремна концентрација или ќе се насочи кон порамномерна распределба и заеднички просперитет.
„Намалувањето на нееднаквоста не е само прашање на правичност. Тоа е клучно за отпорноста на економиите, стабилноста на демократиите и одржливоста на нашата планета,“ се заклучува во извештајот.