Сирени за воздушен напад се вклучија во Израел и Кувајт откако Иран започна нов напад со балистички ракети. Тел Авив возврати со воздушни напади врз цели во Либан откако Хезболах испука ракети врз Хаифа.
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, изјави дека немало разговори со САД.
По наводите во западните медиуми во врска со барањето на Техеран за разговори со Вашингтон, Лариџани нагласи дека Иран нема да води разговори со САД, објави Тасним.
Рано утрово, Волстрит џурнал објави дека Лариџани ѝ ги испратил на оманската страна своите планови за продолжување на разговорите со САД.
САД и Израел ги извршија нападите врз Иран во сабота наутро, додека во тек беа индиректни нуклеарни разговори меѓу Техеран и Вашингтон, со посредство на Оман.
Кувајтската воздушна одбрана повторно пресретна ирански беспилотни летала во саботата, трет ден по ред откако Иран почна да напаѓа цели во соседните земји од Персискиот Залив како одмазда за нападите на САД и Израел врз земјата, соопшти кувајтската агенција за цивилна одбрана.
Повеќето од беспилотните летала беа пресретнати од кувајтската воздушна одбрана во близина на градовите Румаитија и Салва, а немаше повредени, објави државната новинска агенција, повикувајќи се на генералниот директор на цивилната одбрана, објави Ројтерс.
Според сведоци, кога беше објавен воздушниот напад се слушнаа гласни тресоци и сирени.
Техеран соопшти дека ќе ги таргетира американските бази во регионот како одговор на нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, откако дипломатските разговори за нуклеарната програма на Иран не успеаја да постигнат договор.
Иран, исто така, нападна голем број цивилни и комерцијални области во градовите низ Персискиот Залив во последните два дена.