Европската комисија ќе предложи намалување на цената на руската нафта и забрана за користење на инфраструктурата на гасоводот Северен тек во новиот пакет санкции за Москва.
Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ пишува дека се очекува Комисијата денеска да го претстави својот 18-ти пакет санкции против Москва како дел од напорите за зголемување на притисокот врз Русија во услови на застој во мировните преговори со Украина.
Според луѓе запознаени со предлогот, пакетот ќе вклучува намалување на сегашната граница на цената на руската нафта од 60 на 45 долари за барел, како и забрана за користење на руската енергетска инфраструктура, вклучително и за двата гасоводи Северен тек до Германија.
Максималната цена за руската нафта беше воведена од ЕУ и нејзините сојузници од Г7 по руската агресија врз Украина во 2022 година.
Луѓето кои се запознаени со предлогот изјавија за Фајненшл тајмс дека новиот предлог ќе вклучува и санкции за некои други руски банки и бродови од „флотата во сенка“.
Може да се вклучат и мерки за да и се помогне на Белгија да се заштити од тужбите на Москва според билатералниот инвестициски договор на двете земји. Постојните санкции ги замрзнаа средствата на руската централна банка во вредност од околу 190 милијарди евра во белгискиот централен депозитар за хартии од вредност Еуроклиар.
Новиот пакет санкции против Русија сега треба да го разгледаат земјите-членки на ЕУ и мора да биде едногласно усвоен.
Британскиот весник потсетува дека Словачка и Унгарија претходно посочија дека би можеле да се спротивстават на дополнителни санкции, кои би ги отежнале преговорите.
Некои упатени велат дека се оптимисти дека договор за новиот пакет ќе биде постигнат пред крајот на јули или дека, како и со претходните пакети, ќе можат да ја убедат Унгарија да не приговара.
ЕУ исто така размислува дали да ја додаде Русија на „сивата листа“ на земји со слаба контрола за перење пари.
Додека ЕУ подготвува нови мерки, во САД сенаторот Линдзи Греам се залага за дополнителни санкции од Вашингтон кон Москва.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се состана со Греам минатата недела и рече дека пакетот на ЕУ, доколку се комбинира со мерките на Вашингтон, значително ќе го зголеми влијанието на санкциите.
Американскиот претседател Доналд Трамп и Фон дер Лајен викендов ќе присуствуваат на самитот на Групата 7 во Канада, каде на дневен ред ќе биде Украина.