Авганистан денеска повторно беше погоден од силен земјотрес, со јачина од 5,5 степени според Рихтер, во југоисточниот дел од земјата. Трусот се случи на релативно мала длабочина од 10 километри, исто како и разорниот земјотрес со магнитуда од 6 степени што во неделата на полноќ усмрти повеќе од 1.400 луѓе и повреди илјадници.
Новите потреси предизвикаа дополнителна вознемиреност меѓу населението, кое веќе се соочува со катастрофални последици. Според првичните информации, степенот на штетата од денешниот земјотрес сè уште не е познат.
Портпаролот на талибанската администрација, Забихулах Муџахид, изјави дека досега официјално се потврдени најмалку 1.411 загинати и 3.124 повредени, додека повеќе од 5.400 куќи се целосно уништени. Спасувачките тимови се соочуваат со големи пречки поради тешкиот планински терен и изолираните села, каде што се верува дека под урнатините сè уште има луѓе.
Авганистанската црвена полумесечина предупредува дека бројката на жртви веројатно ќе расте, а координаторот на Обединетите нации во земјата потврди дека се очекува ситуацијата дополнително да се влоши.
Авганистан е една од најранливите земји на светот кога станува збор за земјотреси, особено во регионот на планинскиот венец Хиндукуш, каде што се среќаваат индиската и евроазиската тектонска плоча. Источните провинции Кунар и Нангархар беа најтешко погодени од неделниот катастрофален потрес.