Сателитски снимки од компанијата Planet Labs PBC откриваат изградба на нова писта со должина од речиси 2.000 метри на островот Зукар во Црвеното Море, околу 90 километри југоисточно од пристаништето Ходеида, кое се наоѓа под контрола на Хутите.
Според снимките, работите започнале во април со изградба на пристаниште на островот, по што следело расчистување на земјиштето за изградба на пистата. До крајот на август, се гледа дека е поставен асфалт, а во октомври се забележуваат и означени линии на пистата.
Иако никој официјално не ја презеде одговорноста за проектот, податоци за движење на бродови анализирани од Associated Press покажуваат дека товарниот брод Batsa, регистриран под знаме на Того, престојувал речиси една недела на новото пристаниште на Зукар откако пристигнал од Бербера во Сомалиленд — пристаниште што го управува DP World. Компанијата DP World одби да коментира.
Компанијата Saif Shipping and Marine Services од Дубаи потврди дека примила нарачка за испорака на асфалт на островот, најверојатно користен во изградбата на пистата, по нарачка на други компании од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Други поморски компании со седиште во Емиратите претходно биле поврзани со слични инфраструктурни проекти во Јемен, кои подоцна се покажало дека биле финансирани или координирани од ОАЕ. Такви писти веќе постојат во градот Мока на Црвеното Море, во Дубаб, на островот Абд ал-Кури во Индискиот Океан и на островот Мајун во теснецот Баб ел-Мандеб.
Хутите, милитантно-исламистичко движење поддржано од Иран, контролираат голем дел од западниот Јемен, вклучително и главниот град Сана. Островот Зукар, пак, е под контрола на Севрниот транзициски совет — антииранска, сепаратистичка фракција која ја признава улогата на ОАЕ во изградбата на аеродромот.
Стратешка точка за контрола на морскиот сообраќај
Пистата на Зукар претставува дел од поширока мрежа на поморски и воздушни бази во регионот, кој има клучно значење за меѓународниот транспорт. Во изминатата година, Хутите нападнале над 100 бродови, потопиле четири и убиле најмалку девет морнари за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.
Со новата писта, противниците на Хутите ќе имаат подобра можност за воздушно извидување над Црвеното Море, Заливот на Аден и теснецот Баб ел-Мандеб — стратешка врска меѓу двата водени патишта.
Според аналитичарката Елеонора Ардемани од Италијанскиот институт за меѓународни политички студии, изградбата на Зукар не значи дека претстои нова офанзива, но „целта најверојатно е спречување на шверцот на оружје кон Хутите“.
Историски контекст
Островот Зукар има стратешко значење уште од 1990-тите. Во 1995 година го зазеде Еритреја по борби со Јемен, а три години подоцна меѓународен суд ја потврди јеменската сувереност.
По почетокот на војната во Јемен во 2014 година, кога Хутите ја презедоа контролата над Сана, островот повторно стана воено жариште. Саудиска Арабија и ОАЕ се вклучија во 2015 година во поддршка на меѓународно признатата влада и повторно го освоија Зукар, кој денес служи како база за силите лојални на Тарик Салех — внук на поранешниот јеменски лидер Али Абдула Салех.
Оттогаш, фронтовите во земјата остануваат речиси непроменети, но нападите на Хутите врз меѓународните бродови ги зголемија тензиите во регионот и го вратија вниманието на глобалната заедница кон Црвеното Море.
Американските и израелските воздушни напади во рамките на операцијата „Rough Rider“ во изминатите месеци ги таргетираа позициите на Хутите, но групата продолжува со активностите, користејќи ја својата фрагментирана, но издржлива структура.
Иако антихутските сили остануваат раздвоени, нивната инфраструктурна експанзија, како изградбата на пистата на Зукар, покажува долгорочна стратегија за контрола на трговските патишта и спречување на шверц на оружје во регионот.