Нова економска ера: Мрачни прогнози од ММФ за глобалната економија

Светската економија се соочува со длабоки промени и неизвесност, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во најновиот извештај „Светски економски перспективи“ за април 2025. Досегашните економски правила сè помалку важат, додека растот на водечките економии како САД и Кина се успорува, а трговските тензии и инфлацијата повторно добиваат замав.

ММФ укажува дека светот влегува во нова економска реалност – обележана со трговски војни, високи царини и зголемена политичка неизвесност. Според извештајот, администрацијата на Доналд Трамп вовела високи царини за речиси сите увезени производи, со што просечната царинска стапка во САД скокнала на 27 проценти – највисоко ниво во последниве сто години. Кина возврати со царини од 125 проценти и воведе ограничувања за извоз на ретки метали, суштински за глобалната технолошка индустрија.

Овие мерки веќе имаат последици. Граѓаните во САД се соочуваат со растечки цени, а инфлацијата се интензивира. ММФ ја зголеми проценката за веројатноста од рецесија во САД на 40 проценти.

Според новите прогнози, економскиот раст на САД ќе изнесува 1,8 проценти – далеку под јануарската прогноза од 2,7. Кинеската економија исто така забавува, со очекуван раст од 4 проценти (намалување од претходно проценетите 4,6). Глобалниот економски раст се очекува да изнесува 2,8 проценти – најниско ниво во последната деценија, освен во годините на ковид-пандемијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен