Новата портпаролка на Трамп призна дека паднала на правосудниот испит

ФОТО: ЕПА

Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Закарија, призна дека не го положила правосудниот испит во САД, иако со години јавно се претставувала како адвокатка. Признанието следува по серијата медиумски извештаи во кои се доведуваат во прашање нејзините професионални квалификации.

Во интервју за „Фокс њуз“, водителот Шон Хенити директно ја праша Закарија дали е точно дека не го положила правосудниот испит, на што таа потврдно одговори. На дополнителното прашање дали повторно се обидела да го положи, таа одговори дека не го сторила тоа.

Закарија објасни дека во 2011 година, кога дипломирала право на Универзитетот Пепердајн, веќе планирала да се пресели во Кина со својот сопруг. Поради тоа, како што рече, резултатите од испитот не ѝ биле важни.

„Веќе бев пријавена за испитот, но во текот на летото дознав дека ќе живеам во Кина. Затоа резултатите станаа неважни. Сепак, решив да го полагам бидејќи не сакав да се водам како кандидат што се откажал“, објасни Закарија.

Случајот предизвика внимание откако американските медиуми објавија дека таа во повеќе наврати ја користела професионалната титула адвокат, иако нема докази дека добила лиценца за вршење адвокатска дејност во САД.

Според Си-Ен-Ен, во најмалку 15 објави на социјалните мрежи Закарија се претставувала како адвокатка. Таа претходно работела во адвокатска фирма во Кина, а во својата професионална биографија навела и дека била главна правна советничка на конзервативна организација во Калифорнија.

Закарија тврди дека внимавала на разликата меѓу називите „правник“ и „лиценциран адвокат“ и дека добила совет оти може да се претставува како правник врз основа на своето образование и искуство.

Меѓутоа, според американските прописи, завршен правен факултет сам по себе не е доволен за добивање дозвола за адвокатска практика. Вообичаено е потребно положување правосуден испит и прием во соодветната адвокатска комора.

Организацијата „Campaign for Accountability“ веќе побара од надлежната адвокатска комора во Калифорнија да испита дали Закарија незаконски се претставувала како адвокатка.

Дополнителни реакции предизвика и фактот што самиот Доналд Трамп, при објавувањето на нејзиното назначување, ја претстави како адвокатка.

Закарија ја презеде функцијата портпаролка на Белата куќа оваа недела. Нејзината прва прес-конференција траеше помалку од 15 минути, при што одговори на прашања од само тројца новинари. Настапот беше критикуван во дел од американските медиуми, но Трамп јавно ја пофали нејзината работа.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?