Од денеска на територијата на Европската унија стапува во сила Европскиот закон за пристапност (ЕАА), кој налага поголема инклузивност и еднаков пристап до производи и услуги за околу 100 милиони граѓани со попреченост.
Законот опфаќа широк спектар на производи и услуги, вклучувајќи телефони, компјутери, електронски книги, банкарски и комуникациски услуги, кои отсега мора да бидат достапни и употребливи за сите.
„Пристапноста не е само техничка мерка – таа е предуслов за учество во општеството. Европскиот закон за пристапност е акт на правичност, но и можност за економски раст и иновации“, изјави еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и кризни ситуации, Хаџа Лабиб.
Според неа, оваа регулатива претставува значаен чекор кон овозможување на лицата со попреченост да уживаат еднаков пристап до секојдневните услуги, технологии и работни места. Лабиб повика на целосна и доследна примена на законот со цел да се обезбеди долгорочна промена.
Законот предвидува заеднички стандарди за пристапност – од користење фонтови со соодветна големина и системи за читање на текст до адаптација на паметни уреди и инсталирање гласовни водичи на јавните терминали. Тој, исто така, го поедноставува регулаторниот терен за компаниите, кои досега се соочуваа со различни и често противречни национални барања.
Главната цел на ЕАА е отстранување на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост и обезбедување полноправно учество во секојдневниот живот, мобилност низ ЕУ и пристап до вработување преку соодветна ИТ и помошна технологија.