Новинарите на американскиот државен медиум „Гласот на Америка“ ќе можат да се вратат во своите канцеларии веќе следната недела, според е-пошта испратена од Министерството за правда до вработените, јавува порталот Политико. Ова значи крај на речиси двомесечната пауза во работата на медиумот, која започна по извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.
Имено, на 14 март, администрацијата на Трамп донесе одлука со која се суспендира работата на неколку федерални агенции и канцеларии, меѓу кои и Американската агенција за глобални медиуми – матичната организација на „Гласот на Америка“. Медиумот, кој се финансира од државниот буџет, со тоа престана со работа, а одлуката предизвика силни реакции во јавноста и меѓу правниците.
Правната битка не изостана. На 22 април, федералниот судија Ројс Ламберт издаде привремена судска забрана, со која ѝ нареди на администрацијата да го врати медиумот во функција, наведувајќи дека укинувањето најверојатно било противуставно. Судската одлука ја отвори вратата за повторно активирање на работата на медиумот.
Во е-пошта до адвокатите на вработените, претставничката на Министерството за правда, Бренда Гонзалез Хоровиц, потврди дека персоналот ќе се врати на работните места. Таа додаде дека сите новинари и останати вработени веќе добиле повторен пристап до службените системи, со што се создадени услови „Гласот на Америка“ да продолжи со својата мисија во јавниот интерес.