Новиот владетел на Луксембург положи заклетва и стана голем војвода

„Ќе го живеам животот на мојот народ, од кој не сакам да бидам одвоен со никаква пречка. Ќе ги делам нивните радости и таги“, изјави Гијом во својот прв говор како владетел, цитирајќи говор од 1919 година на големата војвотка Шарлот, една од неговите претходнички.

„Симбол на принципите на слобода и единство утврдени во нашиот Устав, монархијата остана – како што беше тогаш, така и сега – постојана референтна точка и силна поддршка во времиња на криза“, рече Гијом, кој положи заклетва на Уставот на Луксембург пред 60 пратеници.

Големиот војвода Гијом (43) ја презеде функцијата од својот татко, Анри (70), кој абдицирал во негова корист по 25 години на симболична улога како владетел на ова мало војводство во срцето на Европа.

Како и неговиот татко, Гијом е образован во Франција, Швајцарија и на британската воена академија Сендхерст, а потоа работел за белгиски, германски и шпански компании.

На свеченоста беа присутни и неговата сопруга, војвотката Стефанија од Ланоа (родена во Белгија), и синовите, принцовите Чарлс (5) и Франсоа (2).

Гијом е седмиот голем војвода на Луксембург од 1890 година, кога беше воспоставена современата монархија.

Церемониите беа присутни кралските семејства од Холандија и Белгија, а новиот голем војвода ќе организира гала вечера за гостите, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Франција и Германија, Емануел Макрон и Франк-Валтер Штајнмајер.

Преку викендот, Гијом ќе ја направи традиционалната посета на својата земја и ќе ја заврши со мисата што ќе ја предводи надбискупот Жан-Клод Олериш во католичката катедрала Нотр-Дам во Луксембург.

Свеченостите по повод крунисувањето ќе траат ширум земјата до недела.

Луксембург е парламентарна демократија со големиот војвода како шеф на државата, слично на Велика Британија и Белгија. Земјата има околу 700.000 жители и е последното преостанато големо војводство во светот.

Луксембург е една од најмалите земји во Европската Унија и најбогатата по БДП по глава на жител, финансиска сила и седиште на важни институции на ЕУ, како што е Европскиот суд на правдата и Европската инвестициона банка. Во Луксембург се наоѓаат и седиштата на многу банки од еврозоната, компании за реосигурување, менаџери на хеџ фондови и пазари на пари.

Зачлени се на нашиот е-билтен