„Њујорк тајмс“ ја тужи администрацијата на Трамп поради задушување на медиумските слободи

„Њујорк тајмс“ поднесе тужба против Министерството за одбрана на САД поради новите ограничувања на Пентагон што го засегаат пристапот на нивните новинари до прес-конференциите, пренесува CNN.

Тужбата била поднесена во федералниот суд во Вашингтон во четврток наутро, а како тужени се наведени Министерството за одбрана, секретарот за одбрана Пит Хегсет и главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, соопштува CNN.

Тужбата бара поништување на новата политика воведена во октомври, со која новинарите задолжени за известување од Пентагон беа принудени да ги вратат своите прес-пропусници доколку не се согласат со поставените ограничувања.

„Оваа политика е обид да се контролира известувањето што на владата не ѝ се допаѓа, прекршувајќи го правото на слободна преса да бара информации, гарантирано со Првиот и Петтиот амандман на Уставот“, изјави портпаролот на „Тајмс“, Чарли Штатдлендер.

Тој додаде дека „Тајмс“ решително ќе се брани од ваквите прекршувања, „како што сме правеле и за време на администрациите кои биле против надзор и отчетност“.

Правниот тим на весникот бара судска декларација дека новата политика е суштински неуставна и нејзина забрана за спроведување.

„Свесни сме за тужбата и со задоволство ќе ги изнесеме нашите аргументи пред суд“, изјави Парнел за CNN.

Се очекува Хегсет и неговите соработници да ја оспорат тужбата повикувајќи се на аргументите за национална безбедност, кои ги користеа и кога ги воведоа октомвриските ограничувања.

Обвинувања за истиснување независни новинари

Критичарите на новата политика тврдат дека вистинската намера на Хегсет е да ги оддалечи независните новинари и да ги замени со благонаклонети, про-Трамп творци на содржини наместо традиционалниот новинарски кор.

Оваа недела, Хегсет примил десетици MAGA-инфлуенсери и коментатори во Пентагон на ориентациски сесии и прес-конференции. Создавачите на содржини, кои се согласија со новите ограничувања што се во срцето на тужбата, од страна на тимот за комуникации биле претставени како „новиот прес-кор на Пентагон“, иако повеќето од нив немаат искуство во известување од одбранбени институции.

Во меѓувреме, искусните новинари кои во октомври ги предале своите пропусници продолжуваат да известуваат за Пентагон, но однадвор.

Парнел тврди дека тие новинари „одлучиле самите да се депортираат“ и дека „нема да недостасуваат“.

Секретарката за медиуми на Пентагон, Кингсли Вилсон, која не одржала ниту една прес-конференција пред камерите додека традиционалните новинари сè уште биле во зградата, оваа недела весело ја одржала првата прес-конференција за „новиот“ прес-кор.

Неколку новинари, меѓу кои и репортери на „Тајмс“ и CNN, побарале да присуствуваат, но не им било дозволено.

Поддршка за тужбата од медиумската заедница

Тужбата веднаш доби поддршка од дел од организациите за слобода на медиумите. Извршниот директор на Фондацијата за слобода на печатот, Тревор Тим, изјави дека „единствениот начин да се запре повеќекратниот напад на администрацијата на Трамп врз слободата на печатот е секој медиум да возврати секогаш кога е можно“.

Асоцијацијата на новинари од Пентагон, која ги претставува повеќето новинари што ги одбија новите ограничувања, соопшти дека е „охрабрена“ што „Тајмс“ решил да застане во одбрана на слободата на медиумите.

Удружението на дописници од Белата куќа (WHCA) исто така соопшти дека цврсто стои зад „Тајмс“ во оспорувањето на „невидените ограничувања на пристапот на медиумите во Пентагон“.

„Тужбата на ‘Тајмс’ е неопходен и клучен чекор за да се обезбеди дека новинарите можат да си ја вршат својата работа“, порача WHCA.

„Њујорк тајмс“ наведе дека во октомври десетици медиуми заеднички застанале против новите ограничувања, меѓу кои и конзервативни куќи како Fox News и Newsmax.

Иако „Тајмс“ е единствената редакција што тужи, се очекува други медиуми да поднесат поднесоци во знак на поддршка на случајот.

Во изјавата на CNN по повод тужбата, медиумот истакна: „Пентагон побара новинарските организации да се откажат од своите професионални принципи и правата од Првиот амандман во замена за пристап. CNN нема да го направи тоа“.

„Новата политика е невидена и ја поткопува основната заштита на независното новинарство“, додава CNN.

„Ќе продолжиме да известуваме за американската војска точно и правично и стоиме зад ‘Њујорк тајмс’ и сите други големи медиуми,од CBS до Wall Street Journal до Fox News кои одбија да ја прифатат оваа неодговорна политика. Внимателно ќе го следиме текот на судскиот процес“, се наведува во изјавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен